Херцог и Дуда со илјадници млади Израелци во Маршот на живите во Аушвиц
- Претседателите на Израел и Полска, Исак Херцог и Анджеј Дуда, заедно со илјадници млади Израелци и Полјаци и 80 преживеани од логорот, денеска им оддаваат почит на милионите жртви на холокаустот во Маршот на животот во поранешниот најголем логор на смртта, Аушвиц-Биркенау, кој Хитлеровите Германци го изградија за време на Втората светска војна во окупираната Полска.
Варшава, 24 април 2025 (МИА) - Претседателите на Израел и Полска, Исак Херцог и Анджеј Дуда, заедно со илјадници млади Израелци и Полјаци и 80 преживеани од логорот, денеска им оддаваат почит на милионите жртви на холокаустот во Маршот на животот во поранешниот најголем логор на смртта, Аушвиц-Биркенау, кој Хитлеровите Германци го изградија за време на Втората светска војна во окупираната Полска.
„Денес, кога антисемитизмот повторно го крева грдото лице, кога омразата кон Израел станува се посилна, кога се слушаат повици за уништување на Израел, ние мораме одлучно да станеме и да го потсетиме светот: никогаш повеќе“, рече Херцог, по разговорот со претседателот Дуда.
Полскиот претседател потсети дека Маршот на живите, во кој израелската младина заедно со своите полски врсници, и оваа година со група од 80 Евреи кои го преживеаја Холокаустот, минуваат три километри долга рута низ злогласниот нацистички логор, е исто така драматичен апел до светот да не се повторува омразата, шовинизмот и антисемитизмот.
„Но, пред сè, апел дека не смее да се молчи за ниту едно изразување омраза меѓу народите, ниту за каков било израз на етничка омраза, бидејќи крајната последица може да биде она што го направија Германците овде, обидувајќи се да го избришат еврејскиот народ од човештвото“, рече Дуда.
Двајцата претседатели нагласија дека меморијалниот комплекс на теренот на поранешниот нацистички логор, каде за време на војната беа убиени околу 1,1 милион Евреи, некои во гасни комори, некои стрелани или загинаа поради нечовечки услови во логорот, е голем предупредувачки споменик за светот.
„Посебно во ова време кога во наша близина се војните. Војната што Русија ја предизвика во Украина, во која загинаа можеби милион жртви, но и војната на Блискиот Исток, и двете се закана за светскиот мир. И двајцата сакаме тие војни да престанат. Би сакал војната во Украина да заврши со траен мир“, рече Дуда.
Полскиот претседател изрази надеж дека војната во Украина ќе заврши наскоро, во наредните месеци, благодарение на мировната иницијатива и посредништвото на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Според нашето верување, но и ставот на овој дел од светот, тоа пред се треба да биде траен мир, за никогаш повеќе да не се повтори руската агресија врз Украина, но и кон соседите на Русија, за да биде запрен рускиот империјализам“, рече полскиот претседател.
Херцог и Дуда разговарале и за руското влијание на Блискиот исток и за сојузот меѓу Русија и Иран, кој, според двајцата претседатели, му се заканува на Израел. паг/
Фото: ЕПА