• понеделник, 23 декември 2024

Хелсиншки комитет: Обвинението против Пале Илоска ја игнорира историјата на насилство врз неа

Хелсиншки комитет: Обвинението против Пале Илоска ја игнорира историјата на насилство врз неа
Скопје, 2 февруари 2022 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска реагира на одлуката на Јавното обвинителство да покрене обвинение пред надлежен суд против Пале Илоска од Велес, како што укажуваат, долгогодишна жртва на семејно насилство. Од Хелсиншки комитет сметаат дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство на миг“. Како што се вели во соопштението од канцеларијата на Хелсиншкиот комитет, според достапните информации и изјавите на сведоците кои беа пренесени во медиумите, Илоска неколку години била во врска со велешкиот полицаец, кој претходно бил осудуван за изнуда и други кривични дела и во текот на нивната врска, таа често била малтретирана и тепана. Имајќи предвид дека убиството се случило во момент додека починатиот вршел физичко насилство и директно го загрозил животот на жртвата, од Хелсиншки посочуваат дека се јавуваат индиции дека станува збор за нужна одбрана. - Впрочем, овие индиции се потврдени и во соопштението од Јавното обвинителство: Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави. Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот.“ Токму поради ова, Хелсиншкиот комитет бара судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти, велат од Хелсиншки комитет. Од Хелсиншки комитет бараат судот да ги има предвид историјата на насилството врз жртвата, интензитетот на нападите и на повредите кои претходеле на настанот, раздразнетоста и уплавот кај жртвата во моментот на случување и истовремениот противправен напад – ударите по телото на жртвата, давењето и сериозноста на заканата по нејзиниот живот. - Судот ќе треба да утврди под кои околности се случило убиството, но сметаме дека нужната одбрана не треба да се гледа само во времето кога се случил настанот, туку треба да се земе предвид дека Илоска била долгогодишна жртва на психичко и физичко насилство, со што кај неа се развил интензивен страв за нејзиниот живот. Понатамошното постапување на правосудните органи во овој случај несомнено ќе го одрази и нивото на општествена свест, а ќе придонесе и за охрабрување на жртвите за пријавување на насилство врз жените и семејно насилство, се потенцира во соопштението на Хелсиншки комитет.фф/лв/

Остани поврзан