• петок, 22 ноември 2024

Хелена опадна на ураган од прва категорија

Хелена опадна на ураган од прва категорија

Мајами, 27 септември 2024 (МИА)  - Ураганот Хелена ослабе до прва категорија, со максимални ветрови од 120 километри на час, но официјалните лица рекоа дека условите и понатаму се опасни по живот и ги повикаа луѓето да останат во засолништа, соопшти денеска Националниот центар за урагани.

Како што објави Би-Би-Си, бурата се движела на север од Флорида кон Џорџија и била на околу 160 километри од Аугуста и 65 километри од Мејкон, Џорџија и се движела со брзина од околу 48 километри на час.

Хелена синоќа стигна во северозападна Флорида како бура од четврта категорија. Во невремето загинаа најмалку три лица.

Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека Хелена синоќа ја погодила областа во близина на реката Аусила во областа Биг Бенд во Мексиканскиот залив. Брзината на ветрот била 225 километри на час.

Поради Хелена властите издадоа предупредувања за урагани и поплави кои се проширија во северна Џорџија и западна Северна Каролина. Повеќе од милион домови и фирми останаа без струја на Флорида и повеќе од 50.000 во Џорџија.

Гувернерите на американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Алабама, Каролина и Вирџинија прогласија вонредна состојба во нивните држави.

Националната метеоролошка служба прогнозираше бури и предупреди дека тие би можеле да бидат „катастрофални“ во заливот Апалачи, во близина на брегот на Флорида. Училиштата во округот и неколку универзитети ја откажаа наставата, а аеродромите во Тампа, Талахаси и Клирвотер се затворени.

Метеоролозите предвидуваат дека Хелена најверојатно ќе ослабне додека се движи кон внатрешноста, но дека силните ветрови и дождот ќе се прошират на јужните Апалачки планини, каде што ќе биде можна и појава на лизгање на земјиштето. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан