• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Хегсет: Иран треба да одлучи дали бомбардерите Б-2 се порака до Техеран

Хегсет: Иран треба да одлучи дали бомбардерите Б-2 се порака до Техеран

Вашингтон, 10 април 2025 (МИА) - Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека на Иран е да одлучи дали неодамнешното преместување на американските бомбардери Б-2 е „порака до Техеран“, истовремено изразувајќи надеж дека преговорите за иранската нуклеарна програма ќе бидат решени по мирен пат.

Според американски официјални лица, шест бомбардери Б-2 во март биле преместени во американско-британската воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, во време на американската кампања на воздушни напади во Јемен и зголемените тензии со Иран, јавија британските медиуми.

Бомбардерот Б-2, од кои американското воено воздухопловство поседува 20, е меѓу најнапредните авиони поради неговата технологија со ниска забележливост („стелт технологија“) и способноста да ги носи најтешките американски конвенционални и нуклеарни бомби, вклучувајќи го и GBU-57 „Massive Ordnance Penetrator“ - оружје дизајнирано да уништува цели длабоко под земја.

Запрашан дали распоредувањето е сигнал за Техеран, Хегсет рече: „Нека самите заклучат. Тоа е извонредна алатка... и испраќа порака до сите“.

Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно ставил до знаење дека „Иран не треба да има нуклеарна бомба“, нагласувајќи дека целта е спорот да се реши по мирен пат.

Трамп во понеделникот објави дека директните разговори со Иран за неговата нуклеарна програма ќе започнат во сабота, предупредувајќи дека Иран ќе биде во „голема опасност“ доколку не се постигне договор.

Меѓутоа, Техеран најави дека во Оман ќе се одржат индиректни  разговори, што укажува на постоечки несогласувања, истакнуваат британските медиуми.

Трамп вчера повторно се закани дека ќе употреби воена сила доколку Иран не се откаже од својата нуклеарна програма.

-Не барам многу... но тие не можат да имаат нуклеарно оружје. Доколку е потребно, ќе користиме војска. Израел, се разбира, ќе биде лидер во тоа. Но, никој не не води. Ние правиме што сакаме, рече Трамп.

Точниот датум на евентуалната воена акција не е прецизиран.

Западните сили го обвинуваат Иран дека ја користи својата цивилна нуклеарна програма како фронт за развој на нуклеарно оружје, збогатувајќи ураниум до нивоа што тие велат дека ги надминуваат потребите за производство на енергија.

Техеран тврди дека ја развива својата нуклеарна програма исклучиво за мирољубиви цели.сд/

фото:Американска војска

Остани поврзан