• понеделник, 23 декември 2024

Хасани: Стабилен, ефикасен и современ систем за одбрана услов за стабилна меѓународна положба на државата

Хасани: Стабилен, ефикасен и современ систем за одбрана услов за стабилна меѓународна положба на државата
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) - Одбраната претставува една од највиталните функции на државата каде што надворешната и внатрешната стабилност се основен предуслов за општествен развој и зголемување на благосостојбата на граѓаните и државата.

Ова го истакна денеска заменик министерот за одбрана Башким Хасани, во Домот на Армијата, на отворањето на дводневната работилница на тема „План за одбрана на Република Северна Македонија“, која ја организира Секторот за политика и планирање во Министерството за одбрана.

-Со соодветно организирање на одбраната на земјата се гарантира стабилност и подготвеноста за заштита од сите видови загрозувања. Постоењето на стабилен, ефикасен и современ систем за одбрана креира услови за стабилна меѓународна положба на Република Северна Македонија. Во 2020 година, нашата држава исполни една од своите две долгорочни надворешно политички цели, а тоа е полноправно членство во Северноатлантската алијанса како 30-ти сојузник, рече Хасани, соопшти МО.

Одбранбените подготовки, подвлече Хасани, се траен процес кои временски не се ограничуваат, имаат многубројни активности, мерки и задачи што ги спроведуваат носителите на овие подготовки. Како суштествен документ што ја отсликува потребата од одбранбените подготовки преставува и „Планот за одбрана“, но денес со потреба од соодветно согледување и утврдување на неговото место и улога особено како земја-членка на Северноатлантската алијанса.

На работилницата, се посочува, како предавачи помеѓу останатите ќе учествуваат и  проф. д-р Трајан Гоцевски, советник на Претседателот и проф. д-р Оливер Бакрески продекан на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а учесници се претставници од Кабинетот на Претседателот, Владата, поголем број министерства и агенции, како и вработени во Министерството за одбрана и Армијата. вг/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан