• недела, 22 декември 2024

Харадинај: Ако Курти не лаже пак, претседателката Османи да ги повика партиите за распишување предвремени избори

Харадинај: Ако Курти не лаже пак, претседателката Османи да ги повика партиите за распишување предвремени избори

Приштина, 22 март 2024 (МИА) – Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по изјавата на премиерот Албин Курти дека може да се приклучи на опозицијата за земјата да оди на предвремени избори, побара од претседателката Вјоса Османи да се изјасни во врска со тоа и да ги повика партиите да постигнат консензус за распуштање на Собранието, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај напоменува дека неговата партија веќе подолго време бара гласање за недоверба на Владата, но премиерот досега не само што се спротивставувал туку и „се погрижи да нé потсети кога е рокот за редовни избори“.

– Сега излегол со барање да се приклучи на опозицијата за распуштање на Собранието. Што се смени во меѓувреме!? Дали претседателката на државата е запознаена со оваа промена на курсот од страна на премиерот? Распуштањето на Собранието мора да биде резултат на политички консензус. Претседателката мора да се изјасни по ова прашање и евентуално да ги повика политичките партии на состанок за да разговараат за оваа промена на курсот на премиерот, напиша Харадинај на својот Фејсбук профил.

Поранешниот премиер вели дека, сепак, можно е ова да е „само уште една во низата лаги“ на Курти.

– Денес Косово се соочува со чувствителна ситуација и на политички и на безбедносен план и оваа тема бара јасност. Освен ако и оваа промена на курсот на Албин Курти не е само уште една во низата негови лаги, напиша Харадинај.иа/сд/

Остани поврзан