• недела, 22 декември 2024

Хамилтон: Од дете се борев со депресијата

Хамилтон: Од дете се борев со депресијата


Лондон, 30 септември 2024 (МИА) – Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон (39), во интервју за лондонски Тајмс откри дека уште од детството се борел со депресија, најпрво справувајќи се со малтретирање на училиште, а потоа со притисокот во Ф1.
Хамилтон, кој се натпреварува од својата шеста година, рече дека и како возрасен се борел со депресијата и оти му било тешко да зборува за тоа.
„Имаше злоставување и малтретирање на училиште. Немав со кого да разговарам. Целиот мој живот се борев со менталното здравје и депресијата уште од раното детство, од мојата 13. година. Кога имав дваесет години имав навистина тешки фази“, изјави Хамилтон во интервју за Тајмс.
Хамилтон дебитираше во Формула 1 во 2007 година на 21-годиншна возраст, станувајќи првиот црномурест возач во конкуренцијата. Тој го освои шампионатот следната година и го израмни рекордот на Михаел Шумахер од седум светски титули во 2020 година.
Британецот изјави дека денес се чувствува позрел отколку порано во кариерата.
„Учиш за работите кои ти ги пренеле родителите, забележуваш шеми, како реагираш на нештата, како можеш да го промениш тоа. Она што можеше да ме налути во минатото не ме лути денес“, додаде тој.
Возачот на Мерцедес, кој треба да му се приклучи на Ферари следната година, во моментов е шестопласиран во Светскиот шампионат во Формула 1, пред следната трка на 20 октомври во Остин. ег

ФОТО: Икс

 

Остани поврзан