• понеделник, 23 декември 2024

ФТ: Миграцијата наместо проширувањето ќе биде главна тема на самитот на лидерите на ЕУ во Гранада

ФТ: Миграцијата наместо проширувањето ќе биде главна тема на самитот на лидерите на ЕУ во Гранада

Лондон, 2 октомври 2023 (МИА) - На неформалниот состанок на лидерите на ЕУ на крајот на неделата во Гранада, повеќе ќе се разговара за миграцијата, како прашање што оивторно изби во прв план, отколку за проширувањето, што требаше да биде главна тема на состанокот, пишува Фајненшл тајмс (ФТ).

Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ ќе се сретнат во петок во Гранада, ден по самитот на Европската политичка заедница.

ФТ пишува дека војната во Украина повторно ги покрена одамна замрзнатите разговори за проширување на ЕУ, но и укажа колку некои нејзини правила, структури и финансиски системи се несоодветни за тој процес.

Разговорите за тоа ќе бидат на дневен ред на состанокот во Шпанија, но не во обемот што е планиран, се наведува во нацрт-заедничката изјава до која дојде Фајненшл Тајмс.

Имено, актуелните настани избија во прв план, а миграцијата сега е најитното политичко прашање за Унијата и е од големо значење за италијанскиот премиер Џорџо Мелони. Тоа, пишува ФТ, ќе одземе добар дел од времето на европските лидери.

Според извештајот, лидерите се подготвени да ја прогласат миграцијата за „европски предизвик што бара европски одговор... комбинирајќи зголемена надворешна акција, поефикасна контрола на надворешните граници и внатрешните аспекти на ЕУ“.

Министрите за внатрешни работи на ЕУ минатата недела речиси ги финализираа новите правила за растот на миграцијата, а Мелони силно ги повикува лидерите на ЕУ да го искористат времето во Шпанија за голем пакет реформи и продлабочување на соработката со трети земји, како што е Тунис.

Некаков политички консензус во Гранада би помогнал да се подобри ситуацијата околу миграцијата, но тоа секако би било на сметка на пошироката дебата за проширувањето и пошироката стратешка визија на ЕУ, како што првично беше замислена, пишува британскиот дневен весник. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан