• сабота, 06 јули 2024

„Француски бакнеж“ - љубовен концерт со оркестарот на Филхармонија

„Француски бакнеж“ - љубовен концерт со оркестарот на Филхармонија
Скопје, 11 февруари 2022 (МИА) - „Француски бакнеж“ е насловен концертот што вечерва ќе се одржи под диригентската палка на Џијан Емин, а како солисти ќе настапат членовите од француското трио „Ана Кап” кои воедно се и автори на музиката што ќе биде изведена. Гости на концертот се и виолистот Оливие Самуилан и вокалистката Бети Жарден, и двајцата од Франција. „Ана Кап“ триото  во состав Пјер Миле – труба, Мануел Декок – виолина и Жан Мишел Трото - хармоника свири, пее и танцува. Оливие Самуилан е роден 1976 година во Тулуз. Студира музика на конзерваториумот во Тулуз, а потоа продолжува со студии на Колеџот за музика „Беркли“ во Бостон. Тој е композитор, и мулти-инструменталист. Покрај неговите интензивни и различни активности како изведувач, тој пишува и музика за филм и телевизија. За да ги сублимира своите пасии, ја создава и издавачката куќа „ Art Melodies“, специјализирана за издавање музика за филм. Оливие Самуилан соработува и со издавачката куќа „Cezame“ како композитор уште од 2004 година. Бети Жарден е француска пејачка која живее во Нормандија веќе седум години. Едуцирана е како џез пејачка и е дел од биг бендот на Монпелије во јужна Франција од 1999 година. Шест години студирала и џез теорија на Конзерваториумот за џез во Каен, Нормандија. Исто така ја изучувала и индиска музика, во Јужна Индија каде престојувала 12 години. Интеракацијата меѓу џезот и индиската музика и даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност. Најчесто таа ги пишува своите песни, кои ги изведува со различни музичари и групи во Каен. Џијан Емин застана зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста. Неговото искуство како мултимедијален музичар е огромно, многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент. вј/мд/  

Остани поврзан