• петок, 28 јуни 2024

Француските републиканци го исклучија лидерот Ерик Сиоти од партијата

Француските републиканци го исклучија лидерот Ерик Сиоти од партијата

Париз, 12 јуни 2024 (МИА) - Во Франција, конзервативните републиканци (ЛР) без церемонија го исклучија нивниот лидер Ерик Сиоти од партијата, откако тој ги објави плановите за соработка со десничарскиот националистички Национален собир.

По состанокот на извршниот комитет на партијата денеска во Париз, генералната секретарка на републиканците, Ани Женевар, го најави исклучувањето на Сиоти.

-Тој водеше тајни преговори без да се консултира со нашето политичко семејство и активисти, со што целосно ги прекрши статутите и линијата на ЛР, рече Женевар.

Таа додаде дека „партијата на парламентарните избори ќе следи независен курс со свои кандидати наместо да влезе во неизвесен сојуз со десничарските националисти“.

Сиоти го опиша состанокот на партиската извршна власт како невалиден.

-Тоа беше одржано со очигледно кршење на партиските статути. Ниту една од одлуките донесени на овој состанок нема правни последици. Јас сум и останувам претседател на нашата политичка групација избрана од членовите, напиша Сиоти на „Х“.

Пред состанокот, Сиоти им наложил на вработените во партискиот штаб да си заминат и да ги затворат за да го саботираат состанокот. Тој самиот не бил присутен во тоа време.

Сиоти изненадувачки вчера по состанокот со водачот на Националниот собир Џордан Бардела изјави дека сака да има заедничка кауза со десничарските националисти. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан