• среда, 06 ноември 2024

Францускиот министер за внатрешни работи побара од безбедносните сили да спречат земјоделците да влезат во Париз

Францускиот министер за внатрешни работи побара од безбедносните сили да спречат земјоделците да влезат во Париз

Париз, 28 јануари 2024 (МИА) - Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен денеска побара од одговорните за спроведување на редот и мирот да воспостават „важен одбранбен систем“ за да спречат „какво било влегување на земјоделците во Париз“.

Организациите што ги претставуваат француските земјоделци се заканија дека од утре ќе го блокираат Париз на неодредено време како поддршка на нивните барања за подобри услови за работа и живот.

За да се спречи таа акција, Дарманен денеска имаше средба со генералните директори на полицијата и жандармеријата, како и со полицискиот префект на Париз.

Министерот го обнови барањето за полициска „умереност“ кон земјоделците.

„Ставот останува ист. Полицијата мора да постапува со голема умереност и да интервенира само како последна мерка, доколку е загрозен интегритетот на луѓето или во случај на сериозни оштетувања на објекти“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Земјоделците особено го осудуваат падот на приходите, ниските пензии, инфлацијата и странската конкуренција.

Минатиот петок францускиот премиер Габриел Атал најави големи отстапки за земјоделците. Тој рече дека ќе се повлече зголемувањето на даноците за земјоделското дизел гориво, ќе се обезбеди итна помош во вредност од 100 милиони евра за земјоделците погодени од невремето и ќе се организира помош за производителите на вино кои страдаат од прекумерно производство.

Атал денеска изјави дека Владата размислува да обезбеди поголема помош за земјоделците.

„Ќе ги разгледаме сите други мерки што можеме да ги преземеме во врска со овие аспекти на нелојалната конкуренција“, рече Атал. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан