• вторник, 19 ноември 2024

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Реномираната француска пијанистка со богато музичко минато, Софија Вајан вчера беше вистинско освежување за публиката на „Охридско лето“ одржувајќи концерт во рамки на традиционалната Француска вечер на фестивалот.

Пијанистката Вајан, на подиумот во црквата „Света Софија“ изведе дека од Клара Шуман, Моцарт, Лист, Дебиси, Рамо и Шопен. Инаку, нејзиниот репертоар е широк и содржи дела од барокниот период, па сè до дела на современи композитори, со особен акцент на новата
француска композиторска школа.

-Фасцинирана од танго музиката, таа долго настапува со оркестарот на Хуан Седрон, но и во други групи кои ја изведуваат оваа музика. Во 2013 година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Париз „Сен Дени“ со тема посветена на музичката интерпретација на дела за пијано и електроника. Настапува како солист и камерен музичар во „Концертгебау“ во Амстердам, во Париз, Украина, Италија, Германија, Унгарија, Венецуела и САД, наведуваат од Фестивалот.

Отворајќи ја Француската вечер, советникот за култура и соработка при Француската амбасада и директор на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел рече дека низ годините, во текот на летото, оваа вечер стана препознатлив симбол на француското културно присуство во земјава.

-Веќе 16 години наназад, за време на француските вечери, пред фестивалската публика настапија многу млади, но и потврдени имиња на француската музика. За Амбасадата на Франција и за Францускиот институт во Скопје којшто годинава слави 50 години постоење,
претставува вистинска чест одново да бидат дел од еден прекрасен настан. Оттука изразувам силна желба за продолжување на нашата заемна долгогодишна соработка и во иднина, рече Бештел.

Почетоците на француската вечер на „Охридско лето“ беа во 2008 година, за време на тогашното претседателство на Франција со Европската унија, а годинава таа се одржува по 17 пат, наведуваат од фестивалот Охридско лето. вг/

Фото: Охридско лето

Остани поврзан