• петок, 22 ноември 2024

Франција се подготвува за уште еден ден на национални протести против пензиските реформи на Макрон

Франција се подготвува за уште еден ден на национални протести против пензиските реформи на Макрон

Париз, 11 март 2023 (МИА) - Франција се подготвува за уште еден ден демонстрации против непопуларните планови за пензиски реформи на претседателот Емануел Макрон каде се погодени рафинериите, јавниот транспорт и собирањето отпад, јавија француските медиуми.

Коалицијата на француските синдикати, кои покажаа ретко единство од почетокот на протестното движење кон крајот на јануари, се надеваат дека ќе го продолжат притисокот врз владата да ја повлече реформата, чија цел е да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 64 години.

Според Министерството за внатрешни работи, се очекува до милион луѓе да учествуваат на повеќе од 200 демонстрации низ целата земја додека Сенатот продолжува да го разгледува предлогот. До утревечер се очекува евентуално изгласување на текстот од сенаторите.

Демонстрациите започнаа во 10 часот по локално време на улиците на голем број поголеми градови низ земјата, вклучувајќи ги Тулуз и Ница. Почетокот во Париз беше закажан за 14 часот по локално време.

Во вторникот 1,28 милиони луѓе излегоа на улиците во Франција, што според владата е најголем одѕив од почетокот на протестите. Сепак, синдикатите процениле дека на демонстрациите тој ден учествувале 3,5 милиони луѓе.

Анкетите покажуваат дека мнозинството гласачи се против реформите на Макрон, а нешто повеќе од 50 отсто од анкетираните одобруваат штрајк.

Портпаролот на Тотал Енерџис изјави   дека штрајковите продолжуваат врз француските рафинерии и магацини на нафтениот гигант, а француските државни железници SNCF соопштија дека националните и регионалните услуги ќе останат сериозно нарушени во текот на викендот.

Во Париз ѓубрето продолжува да се трупа на улиците. зш/

Остани поврзан