• понеделник, 23 декември 2024

Франција испрати уште еден воен брод во регионот на Блискиот Исток

Франција испрати уште еден воен брод во регионот на Блискиот Исток

Париз, 25 јануари 2024 (МИА) - Франција го зајакнува своето воено присуство во водите на Блискиот Исток со испраќање на уште еден, трет воен брод во таа област за да се обезбеди мисијата „поморска безбедност“, соопшти денеска француската армија.

Од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври, јеменските бунтовници Хути, во Црвеното Море и Аденскиот Залив, напаѓаат бродови за кои веруваат дека се поврзани со Израел. Хутите велат дека тоа го прават во знак на солидарност со Палестинците во Газа.

Францускиот брод „Алзас“ е наменет за следење на безбедноста на трговските бродови.

„Бродот 'Алзас' минатата недела го премина Суецкиот канал за да стигне до Црвеното Море, каде што ќе изврши поморска безбедносна мисија“, додаваат од Генералштабот на француската војска.

Поради нападите на Црвеното Море, меѓународната трговија е забавена, бидејќи 12 отсто од светскиот поморски трговски сообраќај минува низ теснецот Баб ел Мандеб. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан