Фотиу: Западен Балкан останува од стратешко значење за ЕУ, го признаваме ангажманот на Северна Македонија за усогласување со европските стандарди
- - Кипарското претседателство посветува внимание на редовен и отворен дијалог со Западен Балкан, а Северна Македонија останува дел од процесот на проширување на Унијата. Кипар го признава ангажманот на Северна Македонија за унапредување на реформит и во усогласувањето на европските стандаеди и го охрабрува постојаниот и контиуниран напор на земјата во таа насока, рече Фотиу.
Скопје, 26 јануари 2026 (МИА) - Кипарскиот амбасадор во Северна Македонија, Андреас Фотиу, денеска, пред заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за еврпоски прашања, ги претстави приоритетите на Кипар како актуелен претседавач со ЕУ во следните шест месеци истакнувајќи дека Кипар ќе остане доследен на редовниот и отворен дијалог со Западен Балкан, а Северна Македонија останува дел од процесот на проширување со ЕУ.
Фотиу посочи дека кипарското претседателство, чие мото е „Автономна Унија отворена кон светот“, значи дека Европската Унија мора да биде автономна бидејќи една поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешните партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно почитувајќи го меѓународното право и поредок.
Кипарскиот амбасадор нагласи дека Западен Балкан останува регион од стратешко значење за ЕУ, а вклученоста на Унијата со Северна Македонија ќе продолжи со една кредибилна политика заснована на заслуги.
- Кипарското претседателство посветува внимание на редовен и отворен дијалог со Западен Балкан, а Северна Македонија останува дел од процесот на проширување на Унијата. Кипар го признава ангажманот на Северна Македонија за унапредување на реформите и во усогласувањето на европските стандарди и го охрабрува постојаниот и контиуниран напор на земјата во таа насока - рече Фотиу.
Амбасадорот ги претстави петте столба на кипарското претседавање со Унијата, според кои, посочи тој, Кипар ќе се фокусира на автономија преку безбедност и одбрана, автономија преку конкурентност, отвореност кон светот, споделени вредности и преговори за буџетот за следната финансиска рамка на ЕУ.
- Сложената геополитичка средина налага ЕУ да мора да биде способна да предвиди и да спречи, како и ефикасно да одговори на кризите. Кипарското претседателство ќе ги поддржи напорите за одбранбената и безбедносната готовност на Унијата и подобрувањето на координацијата за време на кризи - рече Фотиу.

Во однос на конкурентноста, тој додаде дека кипарското претседателство смета дека само поконкурентна Унија може да доведе до поавтономна Унија, па затоа конкурентноста на Европа е основа за отпорност и автономно дејствување. Додаде дека поконкурентна Европа ќе биде во подобра позиција да обезбеди одржлив раст и да ги оствари своите стратешки цели.
Тој исто така посочи дека кипарското претседателство ќе поддржи иницијативи насочени кон промовирање на инклузивноста и зајаканување на демократските институции и во таа насока истакна дека прогресот во овие полиња останува клучен за проширувањето, а кипарското претседателство ги препознава напорите на Северна Македонија во инклузивнотро управување.
Новоименуваниот министер за европски прашања Беким Сали во обраќањето на седницата посочи дека европската интеграција на земјата не е адмнинистративен процес, ниту техничка агенда, туку цивилизациска определба, која ужива општествена поддршка.
- За нас. европската интеграција е јасна државна ориентација, што ги обединува власта и опозицијата, институциите и граѓаните. Во време на сериозни геополитички превирања политиката на проширување не е опција, туку неопходност, таа е и инвестиција во стабилна и автономна ЕУ. Во оваа слика Северна Македонија е дел од решениетo - рече Сали.
Тој истакна дека земјата во контиунитет покажува дека е кредибилен и одговорен партнер со ЕУ.
- Нашата целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика е јасна политичка порака, а не е формалност. Како држава демонстрираме дека можеме да покажеме рамноправност со европските сојузници - рече Сали.
Според него, процесот на пристапување не е лесен, затоа пристапувањето кон реформите земјава не го третира како надворешно наметната обврска, туку како внатрешно прашање. Тоа, вели Сали, е наш свесен политички избор да ги зацврстиме државата и инстиционалните капацитети.
- Секој наод од скринингот го претвораме во јасна и јавна политика и решение во согласност со европските стандарди. Борбата против организираниот криминал и корупцијата мора да бидат поодржливи, треба да покажеме дека државата може да испорача резултати, а не само ветувања - рече Сали.
Во однос на кипарското претседавање, Сали истакна дека со нивното мото отвораат суштинска дебата за иднината на ЕУ.
- За нас, проширувањето на ЕУ е нераскинлив дел од оваа визија. Европа не може да биде целосна ако Западен Балкан остане на маргините, Северна Македонија е подготвена да ја затвори таа европска политичка празнина и да стане дел од тие договори. Затоа денеска упатуваме јасна порака - Северна Македонија е подготвена и ова е момент на политичка зрелост и на Северна Македонија и на ЕУ, момент што ниту ние ниту ЕУ не смее да го пропушти - нагласи Сали. нд/вг/
Фото МИА