• понеделник, 23 декември 2024

Форум за заедничко делување на институциите за заштита на природното богатство во Преспанскиот регион

Форум за заедничко делување на институциите за заштита на природното богатство во Преспанскиот регион
Ресен, 5 февруари 2021 (МИА) – Унапредување на односите и меѓусебна координација на институциите за заедничко делување на заштитените подрачја национален парк „Галичица“, паркот на природата „Езерани“, Преспанското Езеро и островот Голем град, беше целта на денешниот форум што се одржа во Општина Ресен, на иницијатива на градоначалникот Живко Гошаревски. На форумот учествуваа директорите на НП „Галичица“ Александар Миљовски и „Пелистер“ Осман Шукриу, со свои тимови, претставници на општината и на Македонското еколошко друштво од Ресен. Институциите, според градоначалникот Гошаревски, работат на иста проблематика, а немаат меѓусебна координација. - Во интерес е заеднички да делуваме, да се усогласуваме со цел заштита на природните богатства. Согласно заклучоците од форумот произлезе меморандум за соработка, преку кој ќе се регулираат односите меѓу институциите со цел координирано и заеднички да делуваме, истакна Гошаревски. Тој потенцира дека на форумот било заклучено дека потребни се обуки на претставници од секторот за животна средина при Општина Ресен и НП „Галичица“ за заштита, промоција и развој на еко - туризам и координација на работата на ренџерските служби со посебен акцент на зајакнување на контролите во заштитените подрачја. - Ќе продолжиме со заеднички активности меѓу сите засегнати страни за подобро и одржливо управуванје со заштитените подрачја, начин на уредување, влез на посетители и слично, истакна Гошаревски, нагласувајќи дека годинава комплетно ќе се рехабилитиран патниот правец Ресен – Охрид преку Галичица, што дополнително ќе придонесе за афирмација на регионот. На форумот беа презентирани и годишните програми за заштита на природата во ЈУНП„Галичица“ и ПП „Езерани“ како и програмата на МЕД која се однесува на нивните активности во Преспанскиот регион. Општина Ресен, како што најави градоначалникот, ќе организира форум и со НП „Пелистер“, на кој се очекува формирање на заеднички интереси и цели.сс/фф/

Остани поврзан