• понеделник, 23 декември 2024

Форум за граѓански дијалог и соочување на кандидатите за градоначалници со граѓаните

Форум за граѓански дијалог и соочување на кандидатите за градоначалници со граѓаните

Крива Паланка, 9 септември 2021 ( МИА) - Во пресрет на претстојните локални избори 2021 во нашата држава, закажани за 17 октомври, десетина граѓански организации од земјава ќе реализираат серија дебати и дијалози за поттикнување на граѓаните на директно учество во истакнување на приоритетите и потребите во заедницата и нивно соочување со кандидатите за градоначалници.

Планирани се серија активности за поттикнување на директното учеството на граѓаните во јавната дискусија за приоритетите, проблемите и потребите во нивните локални заедници.

Основната идеја и цел на активностите е да се создаде форум за граѓански дијалог во девет општини во државава, Центар, Битола, Штип, Тетово, Струга, Кавадарци, Крива Паланка, Свети Николе и Демир Хисар. Во секоја од општините, во текот на септември, ќе се реализираат консултативни средби со најразлични групи граѓани, на кои ќе се дискутираат и ќе се дефинираат проблемите, потребите, приоритетите и очекувањата од идните локални власти.

Активностите ги имплементираат шест партнерски органзиации, НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура и Идеа ЈИЕ, во соработка со уште три граѓански организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми.

- Денес во Крива Паланка се одржа прва консултативна средба со граѓаните на која се дискутираше за три приоритетни теми: сообраќаен хаос, локален економски развој и комунални услуги. Граѓаните идентификуваа повеќе проблеми и потреби, а исто така, за некои од нив понудија и решенија. Овие приоритетни теми произлегоа од претходно спроведена анкета меѓу граѓаните во општина Крива Паланка. Наскоро следува уште една консултативна средба со граѓаните, по што ќе биде одржана јавна трибина со кандидатите за градоначалници и советници на кои ќе се презентираат приоритетите и барањата на граѓаните, информира Методи Цветковски од НВО Спектар, Крива Паланка.

По завршувањето на изборите, пак, граѓаните ќе се сретнат со избраните градоначалници и советници во својата општина, ќе дискутираат за реализацијата на клучните приоритети и ќе им најават дека форумот за граѓански дијалог ќе продолжи со активно и постојано следење на работата на новата локална власт, со посебен фокус на исполнување на ветувањата.

Форумот за граѓански дијалог е поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска. ид/ар/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан