• петок, 22 ноември 2024

Советот на Тетово формираше работна група за преименување улици

Советот на Тетово формираше работна група за преименување улици

Тетово, 26 август 2024 (МИА) – Општина Тетово го започна процесот за преименување на улици. На денешната 36-та седница на Советот на општината беше усвоена одлука за формирање на Рабoтна група за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број.

Со преименувањето е предвидено да бидат опфатени 200 улици и куќи кои немаат број, затоа што се јавува проблем при доставувањето на сметки, велат од локалната самоуправа.

Комисијата се состои од девет члена, од сите политички партии кои се дел од Советот.

-Во првата фаза се работеше на идентификација на улиците. Во Општина Тетово има 47 нови улици и 150 улици со број и со куќи без број. По втората фаза, односно формирање на комисијата, ќе се предлагаат нови имињата, при што е предвидено да има правична застапеност на сите етникуми во Тетово. Конечна одлука ќе има Советот, кој треба да ги усвои предложените имиња, како во градот, така и во селата. Досега имавме проблем фактурите и решенијата да ги доставиме до граѓаните лично, велат од Општина Тетово.

На денешната Седница, советниците меѓу другите точки на дневен ред, ги изгласаа и Предлог-одлуката за потребата за определување на заштитни зони во изворите на Лешница, како и Предлог-одлуката за поделба на фактурите за вода и канализација од заедничката фактура за отпад и јавната чистота. ас/аа/

 Фото: Општина Тетово

Остани поврзан