• недела, 22 декември 2024

Фон дер Лајен: Нема противречност во солидарноста со Израел и хуманитарната поддршка за Палестинците

Фон дер Лајен: Нема противречност во солидарноста со Израел и хуманитарната поддршка за Палестинците

Брисел, 17 октомври 2023 (МИА) – Теророт на Хамас му носи и огромно страдање на палестинскиот народ. Дозволете ми да бидам многу јасна дека терористите се Хамас, а не палестинскиот народ и затоа ние мора да се грижиме за палестинскиот народ и неговите хуманитарни потреби, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по вечерашниот вонреден Самит на ЕУ, што се одржи преку видео-конференциска врска.  

- Нема противречност во солидарноста со Израел и дејствувањето за хуманитарните потреби на Палестинците, нагласи Фон дер Лајен.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа посочи дека во нападот на Хамас во еден ден се „масакрирани 1.400 Израелци и други државјани“ и киднапирани се околу 200 заложници, додавајќи дека ЕУ повикуваме на нивно итно ослободување. 

Посочувајќи дека денешното заседание на Европскиот совет е свикано поради „уште еден грозоморен терористички напад извршен од Хамас“, Фон дер Лајен потенцира дека на сите им е јасно оти Израел има право да се брани во согласност со меѓународното и хуманитарното право. 

Таа потсети дека Еврокомисијата донесе одлука за тројно зголемување на хуманитарната помош за Палестинците за оваа година и за воспоставување воздушен мост кон Египет, во близина на Газа, со цел брзо испорачување помош преку границата.  

- Во контакт сме со египетските власти за да овозможиме нашата помош да влезе во Газа од Египет. И персонал на Комисијата е во Египет за да се подготви за испорака на хуманитарна помош во Газа. Исто така, им објаснуваме на израелските власти дека е неопходно да се обезбеди вода за Газа. Ова е основно човеково право, додаде Фон дер Лајен. 

Претседателката на ЕК истакна и дека ЕУ спроведуваме внатрешен преглед на дистрибуцијата на нејзината финансиска поддршка и развојна помош за Палестинците, со цел да се осигура дека  средстава од Унијата не завршуваат кај некоја терористичка организација.  

- Неодамна разговарав со неколку арапски лидери. Сите беа многу јасни за важноста на финансирањето од ЕУ и дека овие настани имаат потенцијал да го вовлечат целиот регион во конфликт. Ова ќе го доведе во прашање позитивното влијание на целото наше финансирање од соседството, рече Фон дер Лајен. 

Посочувајќи дека Египет прифати „значителен број“ палестински бегалци, Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ мора да ја поддржи земјата во оваа актуелна криза и да воспостави сеопфатно партнерство со неа. 

- Дозволете ми да завршам со последната клучна мисла. Некои веруваат дека можат да не одвлечат од поддршката за Украина и дека треба да избереме кого да поддржиме. Ќе им докажеме дека грешат. Ние стоиме покрај нашите пријатели онолку долго колку што е потребно. Важно е што сега се разгледува нашиот предлог за Повеќегодишната финансиска рамка и во неа има предвидено голема поддршка за Украина, бидејќи знаеме дека таа се бори за нашите вредности и ние стоиме до неа, онолку долго колку што ќе биде потребно, додаде Фон дер Лајен. 

Главна тема на онлајн средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ беа обезбедувањето хуманитарна помош за Палестинците, избегнување на регионална ескалација на конфликтот и какви било прекршувања на хуманитарното право, ангажманот на Унијата во соработка со регионалните актери за барање траен и одржлив мир заснован на решението за формирање две држави, потенцијалните безбедносни последици од конфликтот врз членките на блокот, како и ризикот од можни миграциски текови кон Европа.   

Европскиот совет во неделата објави заедничка изјава на сите негови членови во однос на случувањата на Блискиот Исток, во која беше нагласено дека Европската Унија најостро го осудува Хамас и неговите брутални и неселективни терористички напади низ Израел и длабоко жали за загубата на животи.    

- Нема оправдување за теророт. ЕУ изразува целосна солидарност со народот на Израел и со жртвите на терористичките напади. Израел има право да се брани во целосна согласност со меѓународното право, особено со меѓународното хуманитарно право, беше наведено во изјавата, со која беше упатен повик до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници без никакви предуслови.   

Во изјавата, лидерите на ЕУ ја повторија важноста од обезбедувањето итна хуманитарна помош на цивилите на кои им е најпотребна во Газа и изразија подготвеност да продолжат со нивна поддршка во координација со партнерите. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан