• среда, 25 декември 2024

Флик сака да замине од Баерн на крајот од сезоната

Флик сака да замине од Баерн на крајот од сезоната
Минхен, 17 април 2021 (МИА) – Тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик изјави денеска за германската „Скај ТВ“ дека на крајот од сезоната сака да го раскине договорот и да ја напушти клупата на актуелниот европски првак. Откако Баерн попладнево триумфираше со 3:2 на гостувањето кај Волфсбург и ја врати предноста од седум бодови пред второпласираниот Лајпциг на пет кола до крајот на германското првенство, Флик обелодени дека пред неколку денови ги известил раководните луѓе на клубот за својата намера, додавајќи оти истото им го соопштил и на играчите по денешниот натпревар. Флик не сакаше да навлегува во детали дали одлуката е поврзана со влошувањето на неговите односи со спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ, во последните неколку месеци, а, исто така, не сакаше ниту да потврди дали има за цел да го наследи на германската клупа Јоаким Лев, кој по претстојното Европско првенство најави заминување од селекторската должност. Поранешниот помошник на Лев на клупата на Германија дојде во Баерн на крајот од 2019 година и минатата сезона ги освои сите можни трофеи. Оваа сезона Баерн како бранител на европската титула испадна од Лигата на шампиони во четвртфиналето од ланскиот финалист ПСЖ и од трофеите може да ја освои само титулата германски првак по 31-ви пат во историјата и деветта сезона едноподруго. ег/

Остани поврзан