ФИФА: Фудбалерите не се приоритетна категорија за вакцинирање против Ковид-19
- Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино оцени дека фудбалерите не би требало да бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат против Ковид-19, иако некои држави ве
Цирих, 1 февруари 2021 (МИА) - Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино оцени дека фудбалерите не би требало да бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат против Ковид-19, иако некои држави веќе почнаа со вакцинирање на своите спортисти или планираат да го сторат тоа пред летните Олимписки игри во Токио.
Сепак, првиот човек на ФИФА, која започна кампања со Светската здравствена организација (СЗО) за фер пристап до вакцините против новиот коронавирус, рече дека не е приврзаник фудбалерите да се вакцинираат преку ред.
- Приоритетен пристап до вакцините, се разбира, треба да имаат ризичните категории луѓе и здравствените работници. Тоа, во нашиот ум, е кристално јасно. Не сметаме дека фудбалерите треба да бидат во приоритетната група за ова прашање, изјави Инфантино на конференција за новинари во седиштето на СЗО.
Инфантино додаде дека сите фудбалери и официјални претставници, кои во март ќе бидат дел од стартот на мундијалските квалификации, ќе мора да се придржуваат на строгите здравствени протоколи поврзани во Ковид-19.
- Секако дека нема да го ризикуваме здравјето на кој и да е додека играме фудбал, посочи Инфантино.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ФИФА очекува Мундијалот во Катар во ноември 2022 година да се игра пред полни трибини, Инфантино даде потврден одговор.
- Да. Тоа мораме да го имаме. Ковидот дотогаш ќе биде поразен. Во случај за две години отсега да не сме таму (во Катар) тогаш сите ќе имаме поголем проблем отколку што ќе биде Светското првенство, порача првиот човек на ФИФА. ег/ми/