• недела, 22 декември 2024

УФП со кривична пријава против две физички и две правни лица за даночно затајување и фалсификување деловни книги

УФП со кривична пријава против две физички и две правни лица за даночно затајување и фалсификување деловни книги

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе кривична пријава против две физички лица и две правни лица, поради постоење на основано сомнение дека ги сториле кривичните дела „даночно затајување" по чл.279 и „фалсификување или уништување на деловни книги“ по чл.280 од Кривичниот Законик, со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 11.175.459 денари.

Во текот на 2022 година, соопштија денеска од Управата за финансиска полиција, првопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на третопријавениот правен субјект Друштво за производство, трговија на големо и мало и услуги Ханза ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, деловниот објект во сопственост на третопријавениот правен субјект, кој го легализарал во текот на 2022, не го евидентирал во сметководствената евиденција и го продал за износ од 25.653.000 денари со вкалкулирано ДДВ, од кој износ, 17.110.000 денари ги затворил со компензација склучена помеѓу третопријавениот правен субјект Ханза ДООЕЛ, четвртопријавениот правен субјект Уником Градинг ДООЕЛ Скопје и друг правен субјект, а износ од 3.377.844 денари привопријавениот ги примил на својата лична сметка со Договор за цесија.

- Со ваквите дејствија првопријавеното физичко лице во својство на управител на третопријавениот правен субјект Друштво за производство, трговија на големо и мало и услуги Ханза ДООЕЛ увоз-извоз Куманово ги сторил кривичните дела „Даночно затајување„ по чл.279 ст.2 в.в с.т.1 и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по чл.280 ст.2 в.в. ст.1. од Кривичниот Законик на РСМ, со што се стекнал со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект на начин што не пријавил и не платил Данок на додадена вредност во износ од 3.913.170 денари, Данок на добивка во износ од 2.565.300 денари и Персонален данок на доход во износ од 375.278 денари, односно, не ги подмирил законските даночни обврски во вкупен износ од 6.853.748 денари и го оштетил Буџетот на РСМ, појаснуваат од Управата за финансиска полиција.

Второпријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавениот правен субјект Друштво за градежништво и услуги Уником Градинг ДООЕЛ Скопје по предходен договор со првопријавеното физичко лице, со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за четвртопријавениот правен субјект Друштво за градежништво и услуги Уником Градинг ДООЕЛ Скопје спротивно на законските одредби го извршил кривичнито делo „Даночнo затајување" по чл. 279 ст.2 и ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, на начин што во сметководствената евиденција на четвртопријавениот правен субјект Друштво за градежништво и услуги Уником Градинг ДООЕЛ Скопје не ги евидентирал излезните фактури издадени спрема третопријавениот правен субјект во вкупен износ 17.110.000 денари со вклучен ДДВ, и врз основа на истите само по неколку дена од издавањето ги искористил за да склучи компензација помеѓу третопријавениот правен субјект Ханза ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, четвртопријавениот правен субјект Унико Градинг ДООЕЛ Скопје и друг правен субјект и на тој начин ги намирил обврските спрема овие правни субјекти, со што не пријавил и не платил Данок на додадена вредност во износ од 2.610.711 денари и Данок на добивка во износ од 1.711.000 денари, односно, не ги подмирил законските даночни обврски во вкупен износ од 4.321.711 денари и го оштетил Буџетот на РСМ.

- Со ваквите незаконски активности и дејствија, во текот на 2022 година пријавените го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 11.175.459 денари, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција. цр/лв/

Фото:МИА

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан