• недела, 22 декември 2024

„Филм индастри воч“ објави текст за случајот со режисерот Милчо Манчевски

„Филм индастри воч“ објави текст за случајот со режисерот Милчо Манчевски

Скопје, 12 август 2024

Меѓународната организација Филм индастри воч (Film Industry Watch), која со новинарски и академски средства се бори да ги заштити активните филмски работници од секакви видови злоставување, објави текст во кој го опишува случајот на македонскиот режисер Милчо Манчевски и повикува да запре политичкиот прогон против него. 


Во текстот се вели: „Проблемите почнаа кога Манчевски ги пријави Агенцијата за филм на Република Македонија и Друштвото на филмски работници (ДФРМ) за корупција. Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Транспаренси Интернешнл го потврдија она што го кажа Манчевски. Како одмазда, политичкиот систем ги блокираше неговите проекти (веќе завршениот ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано’, новиот филм кој веќе доби поддршка од владите на три земји), започна кампања за оцрнување во провладините медиуми (‘Педофил’, ‘Криминалец’) и поднесе измислена кривична пријава (побиена од сопствената инспекција на Министерството за култура). Ова е студија на случај за политички прогон на истакнат свиркач (укажувач) кој пријавил корупција на највисоките нивоа на власта“.

Текстот понатаму ги цитира реномираниот Филмски фестивал во Венеција, здруженијата на филмски работници на Италија, како и Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ и Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Сите тие уште минатата година изразија поддршка за Манчевски, повикувајќи да запре политичката репресија против него која е предизвикана од фактот дека тој пријавил корупција во Агенцијата за филм и во ДФРМ.


(линк: https://filmindustrywatch.org/north-macedonia-milcho-manchevskis-case-against-the-national-film-agency-and-the-filmmakers-guild/   ) 

Агенцијата за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекти на најтрофејниот македонски режисер Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“). 

„Кајмак” имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, досега освои 8 меѓународни награди и е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот, а продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година. „Збогум, Копакабано!“ доби поддршка на вториот Конкурс на Агенцијата за филм за финансирање проекти за 2022 година.

Банана Филм

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан