• петок, 22 ноември 2024

Филков: Mора да се воведат наредбодавни и порадикални мерки за спроведување „зелени“ јавни набавки

Филков: Mора да се воведат наредбодавни и порадикални мерки за спроведување „зелени“ јавни набавки

Скопје, 7 октомври 2024 (МИА) - Јавните набавки кај нас, околу 1,5 милијарди евра годишно, не се користат како инструмент за справување со климатските промени, смета Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Во врска со Извештајот на Светска банка што беше презентиран денеска, Филков напомена дека во земјава мора да се воведат наредбодавни и порадикални мерки - колку проценти „зелени“ набавки мора да правиме, за да почнеме да ги правиме, а исплатливоста, рече, се гледа на долг рок. 

Тој потсети и дека претходниве години власта имаше донесено одлуки кои самата не ги почитуваше: да не набавува шеќер во мали коцки, туку рефус, да не набавува пластични лажичиња и пластични чаши за една употреба, да не набавува вода во мали пластични шишиња,...

-Ова е прв пат Светската банка да излезе со извештај за јавните финансии во кој го вметнува влијанието на климатските промени - како тие влијаат врз јавните финансии и како јавните финансии можат да влијат врз климатските промени за да ги достигнеме таргетите до 2050 година. Пресметале дека на земјава и требаат преку шест милијарди долари за да се справи со климатските промени, а една од препораките е да ги искористи парите што се трошат во јавните набавки, околу 1,5 милијарди евра годишно, за т.н „зелени набавки“. Според нашиот закон, секоја набавка доколку не е поволна за климатските промени, не треба барем да прави штета, но ние такви набавки немаме. Ова го покажа истражувањето што го спроведовме минатата година. Кај нас јавните набавки, околу 1,5 милијарди евра годишно, не се користат како инструмент за справување со климатските промени. И Владата сама имаше донесено одлуки кои не ги почитуваше: да не набавува шеќер во мали коцки, туку рефус, да не набавува пластични лажичиња и пластични чаши за една употреба, да не набавува вода во мали пластични шишиња,.... Владата, исто така, донесе одлука дека ќе купува електрични возила, чинам во 2019 година, но од тогаш не е купено ниту едно, повторно купи два пати по ред скоро 50 дизел возила за службена употреба на министрите и едно електрично за „Лотарија“ да го подарува на среќни добитници, изјави Филков откако беше презентиран Извештајот на Светска банка.

Според него, јавните набавки се огромен извор на пари и ако бидат „зелени“ како во некои европски земји, а тоа може да се направи скалесто, постепено, од 10, 20, 50, 70, па до 100 отсто, ќе се придонесе многу кон проценетите преку шест милијарди долари што мора да ги вложи земјава во следната деценија.

-Во нашата анализа се обидовме да најдеме врска меѓу непримената на „зелените“ набавки и корупцијата. Тие индустрии што продаваат пластика, кои и сега продаваат производи што не се „зелени“, ќе настојуваат што подолго да продаваат. Тука има некоја поврзаност, според нас. Се изработи и документ, како да се прават „зелени“ набавките, но битно е дека треба да почнеме со „зелени“ набавки зашто и индустријата, бизнисот така ќе се прилагоди. Во Извештајот стои дека најголем товар ќе биде на приватниот сектор, зашто државите немаат толку пари за „зелената“ транзиција и дека бизнисот треба да ги даде парите. А тоа како може - ако барате рециклираа хартија, тогаш сите тоа ќе нудат и барем хартијата ќе стане „зелена“ набавка, рече Филков.

Светска банка проценува дека Северна Македонија во следната деценија треба да инвестира 6,4 милијарди долари за поголема отпорност кон климатските промени. Според Извештајот, во отсуство на инвестиции за адаптација, поради климатските промени до 2050 година земјава би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП), а со „зелената“ транзиција околу 66 000 работници ќе бидат под најголем ризик да ги загубат своите работни места и ќе треба да ги променат своите занимања. мч/аа/

фото/видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан