• сабота, 21 декември 2024

Филипче: Двата нови случаи позитивни на коронавирус се со лесни симптоми

Филипче: Двата нови случаи позитивни на коронавирус се со лесни симптоми
Скопје, 6 март 2020 (МИА) - Двата нови потврдени случаи на лица заразени со коронавирусот се сопружници од Дебар едниот на 62, другиот на 68-годишна возраст кои во нашата земја стигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари. Тие со поблаги симптоми на 2 март се јавиле на матичен лекар, но тој не препознал индикација да се направи тест на коронавирусот, и ги пратил на домашно лекување. Денеска тие се јавиле сами во болницата во Дебар каде им се земени брисеви за да се направат тестовите. Во земјава допатувале со автобус со уште 40 патници, кои се идентификувани и ќе им бидат направени проверки. Вечерва, како што информира министерот за здравство Венко Филипче, пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствениот дом Скопје во Инфективната клиника каде што дежурната екипа е подготвена да ги пречека. Нивната состојба, како што посочи Филипче, е стабилна, имаат сосема лесна клиничка слика, лесна форма на горнореспираторна инфекција, односно на грип. -После влезот на границата од автобусот патници се симнувале во Куманово, во Скопје и во Дебар. Тогаш патниците немале никакви симптоми и за првпат со сосема лесни симптоми се јавиле 2 март, во понеделникот на матичниот лекар кој не препознал индикација да се направи тестот за коронавирусот, ги пратил на домашно лекување за да денеска се јават во болницата во Дебар каде што доаѓа инфектолог од Гостивар. Тука е поставена индикацијата согласно симптомите кои што се развиле во текот на вчерашниот ден. Земени се брисеви и денеска беа направени тестовите, рече на вечерашната прес-конференција министерот за здравство. Тој појасни дека според информациите што ги добиле од нив за време на престојот дома тие имале контакт само со братот на жената. -Денеска веќе во попладневните часови се прави интервју од страна на епидемиолозите за да се оцени дали е потребно во изолација да биде ставен само тој човек, роднина или членовите на неговото семејство, рече Филипче. Во соработка и интензивна комуникација со МВР, како што соопшти, веќе се најдени имињата, матичните броеви на сите 40 патници во автобусот кој во земјава влегол на 27 февруари, а во кој се превезувале и двајцата пациенти. - Во овој момент се прави идентификација и веќе од вечерва и во текот на утрешниот ден патниците после идентификувањето и нивното лоцирање што ќе го направат епидемиолозите  заедно со припадници на МВР, ќе бидат интервјуирани и согласно податоците што ќе ги дадат, но и согласно нивната здравствена состојба, анализата на контактите што тие ги имале во меѓувреме, ќе бидат преземени и соодветни мерки, рече министерот за здравство. Најголем ризик, според него, има за патниците кои седеле три реда пред и зад пациентите, но, како што потенцира, ќе бидат интервјуирани сите и согласно заклучоците че се одредат следните чекори. На новинарско прашање во врска со контактите што во меѓувреме овие патници ги имале со други лица и дали ќе се преземат мерки, министерот Филипче истакна дека многу е мал ризикот за второлиниско пренесување на вирусот. Тоа што матичниот лекар не видел индиција за тестирање на коронавирусот, според министерот за здравство, се должи на тоа што многу е тешко да се даде дијагноза за нешто што е многу слично на малаксаност и на настинка. Заради тоа, рече, уште еднаш апелираме на важноста од сериозно пристапување и анализа на сите пациенти. Во врска со групата од 20-тина туристи од Сингапур и од Јапонија што преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир требаше да пристигне во нашата земја, Филипче информира дека сите се во Скопје, оти биле интервјуирани и им биле земени детални анамнестички податоци. -Поминати се повеќе денови од нивниот престој во Букурешт. Не постоеше ниту една индикација за да се преземе нешто во смисла на забрана. Сите се здрави и на сите им е направено интервју од страна на локалниот епидемиолог, рече министерот за здравство. И покрај новите два случаи позитивни на коронавирусот, според Филипче, нема простор ниту препорака да се преземат нови дополнителни мерки од оние што веќе се преземаат. сст/дма/

       

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан