Филипче: 2024 ја одбележа неспособноста на Владата да се справи со економските предизвици
- СООПШТЕНИЕ - Се проценува дека десетици милиони евра се одлеани од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Скопје, 9 јануари 2025
2024 година беше обележана со целосно неконтролирани покачувања на цените во маркетите, кои претставуваа директен удар врз џебот на македонските семејства. Наместо да реагира и да ја заштити куповната моќ на граѓаните, Владата на ВМРО-ДПМНЕ дозволи овој „грабеж“ да се одвива пред нејзините очи, со целосна поддршка и пасивност на премиерот Христијан Мицкоски.
„Се проценува дека десетици милиони евра се одлеани од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири,“ истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој додаде дека платите, кои постојано растеа седум години по ред додека СДСМ беше на власт, сега стагнираат, а цените секојдневно растат.
„Разликата меѓу приходите и трошоците на граѓаните никогаш не била поголема. Ова е јасен показател за неспособноста на Владата да управува со економијата во интерес на граѓаните. Наместо да создаде економска стабилност, Владата ги фаворизира интересите на малцинството – на бизнисите кои профитираат на штета на обичните граѓани,“ потенцира Филипче во интервју за „Независен“.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни своите ветувања за подобрување на животниот стандард, туку ја доведе државата во економска несигурност. Платите стагнираат, куповната моќ на граѓаните се намалува, а политиките на Владата се сведуваат на служење на тесни бизнис интереси.
СДСМ останува цврсто посветен на борбата за заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување економска стабилност за сите.
Филипче: Партиските директори во болниците ги замолчуваат лекарите да не зборуваат за катастрофата во здравството
Во интервју за „Независен“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја критикуваше актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за неспроведување на ветувањата за деполитизација и департизација, оценувајќи дека реалноста е целосно спротивна од предизборната реторика.
-ВМРО-ДПМНЕ, која дојде на власт со големи ветувања за деполитизација, спроведува сурова окупација на институциите. Наместо компетентност, на чело на клучни институции гледаме партиски кадри, братучеди и блиски роднини. 'Мерит системот' на Мицкоски е всушност партиска книшка како главна квалификација за било какво вработување, изјави Филипче.
Тој истакна дека состојбата во здравството и образованието е исто така алармантна. „Болниците кубурат со основни медицински материјали, листите за чекање се огромни, а новопоставените директори ги заплашуваат здравствените работници за да не зборуваат јавно за проблемите. Во образованието гледаме закони кои го намалуваат квалитетот на наставата и ги ограничуваат правата на учениците со посебни потреби,“ додаде тој.
На крајот од годината, според Филипче, јасно е дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ останаа само празни зборови. „Кампањата што ја водеа беше базирана на лаги, и граѓаните веќе почнуваат да ја чувствуваат тежината на тие лаги. Ако Владата продолжи со истите политики во 2025 година, состојбата само ќе се влоши,“ предупреди Филипче.
СДСМ продолжува да биде глас на граѓаните, укажувајќи на пропустите и штетните политики на актуелната власт, и ќе се бори за враќање на професионализмот и компетентноста во институциите.
Линк до целото интервју на претседателот Филипче: https://nezavisen.mk/vmro-dpmne-raboti-na-bogatenje-na-elitite-intervju-so-venko-filipche/
СДСМ - Центар за комуникации со јавноста
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.