• сабота, 23 ноември 2024

Филипче: Новиот Клинички центар дефинитивно ќе почне да се гради

Филипче: Новиот Клинички центар дефинитивно ќе почне да се гради
Скопје, 2 септември 2020 (МИА) – Новиот Клинички центар дефинитивно ќе почне да се гради во овој четиригодишен мандат на Владата. Тоа е нешто што нашите пациенти го заслужуваат, истакна вечерва министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Тој посочи дека ги воочиле недостатоците на една ваква поставеност на клиниките, болниците, посебно на Клиничкиот центар. Потенцира дека сите клиники физички не се на едно место за да може да се даде интегриран тип здравствена услуга. - Ние брзо се реорганизиравме и во рамки на тоа дури и сообраќајните проблеми се решија во кругот на Клиничкиот центар, за да се олесни комуникацијата меѓу клиниките, но тоа не е трајно решение, заради тоа што нас ни треба модерна болница, Клинички центар што ќе им служи на граѓаните и во следните 60 до 70 години, рече Филипче. Нагласи дека презеле други активности, реновирале голем број одделенија и клиники за да ги подобрат условите. - Некаде не беше реновирано ни повеќе од 50 до 60 години, но дефинитивно иднината е во нов Клинички центар. Постапката практично започна. Ние прекинавме заради изборниот процес, корона кризата итн. и сега треба да продолжи. Предлогот и концептот е тој Клинички центар да биде во четири блока и јас верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и започнат со работа. Има посебен план согласно компатибилноста на клиниките кои треба да се префрлаат и за тоа разговаравме да видиме како тоа би можело да се изведе, а да не се губи време, како ќе бидат следните блокови ќе се празнат и клиниките според таа стратегија, истакна Филипче. На прашање кои клиники први би се преселиле, рече дека едни од најкритичните и на кои им треба навистина многу внимание се тие каде има операциони сали и интензивна нега. Значи, појасни, први се хируршките клиники и операционите сали и се што е поврзано со хируршка интервенција. Во врска со тоа колку ќе чини изградбата на новиот Клинички центар и како ќе се финансира, министерот посочи дека сè уште се работи на моделот на финансирање. - Проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра, нешто што сметам дека ќе биде одлична инвестиција и одлична финансиска инјекција и за целокупната економија. Веќе се започнати проектите, дел се и завршени на општината Ѓорче Петров за локалната инфраструктура, локален пат, струја, водовод итн. Така што, тоа сметам дека ќе биде навистина значајна инвестиција генерално за нашата економија, додаде Филипче. рп/дма/

Остани поврзан