• среда, 25 декември 2024

Филипче на трибина во Крива Паланка: Епидемиолошката состојба е мирна, сега е најважно вакцинирањето

Филипче на трибина во Крива Паланка: Епидемиолошката состојба е мирна, сега е најважно вакцинирањето
Крива Паланка, 1 јули 2021 (МИА) - Епидемиолошката состојба е мирна, засега нема индикации дека ќе се случи како во другите држави каде што вирее индискиот сој на вирусот. Одобривме и одржување собири, така што засега се е мирно, како и во соседството, рече вечерва министерот за здравство Венко Филипче пред граѓаните на Крива Паланка, на граѓанската трибина во организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Според Филипче, најважно е сега граѓаните да се вакцинираат.
-Има 600 000 вакцини, деновиве пристигнуваат уште, така што најважно во овој период на стабилна епидемиолошка состојба, што поголем број граѓани да се вакцинираат.
Моја препорака е, сепак, секаде каде што има гужва, граѓаните да носат маски за лична заштита, да ви биде при рака маската како универзална заштита и каде не се чувствувате безбедно, додаде Филипче.
На прашање од граѓаните  за тоа колку се сигурни кинеските вакцини, Филипче одговори дека сите вакцини се подеднакво сигурни и дека има три сценарија во однос на имунизацијата.
- Првото сценарио е дека се ќе заврши со втората вакцина, со ревакцинацијата и потврдено е дека една година трае заштитата. Второ сценарио е дека може да биде потребна трета доза, тоа е бустер доза, позната во светот на вакцинацијата, а третото сценарио е дека ќе премине во сезонска вакцина, дополни Филипче. ид/хс/

Остани поврзан