Филипче и Костадинов на отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба во Струмица
- Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Струмица и членови на Советот денеска беа на отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба во Струмица, во која треба да се дислоцираат жителите од дивата населба на влезот во Струмица на булеварот „Климент Охридски“.

Струмица, 4 април 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Струмица и членови на Советот денеска беа на отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба во Струмица, во која треба да се дислоцираат жителите од дивата населба на влезот во Струмица на булеварот „Климент Охридски“.
Според Филипче, за овој проект честитки заслужуваат градоначалникот, Советот и општинската администрација. Тој смета дека со дела се покажува како се развиваат и имплементираат проекти со кои суштински се менуваат работите во градот.
-Ова ќе биде практично нова населба, мини град во град, кој е почнат од нула. Тука немаше ништо, а еве сега има канализација, водовод, струја и улица и ќе почне последната фаза изградбата на објектите. Тоа е доследност на социјалдемократските политики-а тоа е никој да не биде оставен на страна. Тука мислам на најслабите, бидејќи во оваа населба ќе се сместат луѓе од ранливи категории, кои сега живеат во супстандардни услови, во небезбедни услови, односно на местото каде живеат, многу е блиску до магистрален пат и често пати го стават во ризик сопствениот живот. Во овие 118 единици, во соодветни стандарди, квалитетот на животот на тие луѓе значајно ќе се подобри и дополнително ќе се решата инфраструктурните проблеми, посебно во делот на водоснабдувањето, изјави Филипче.
Градоначалникот Костадинов истакна дека ова е втор најголем проект во историјата на Струмица по воведувањњето на елекричниот јавен превоз.
-Ова е неколку децениски проблем којшто ги мачи и жителите во долното Турско маало и цела Струмица генерално, оти сите сочувствуваме и како Општина првата фаза ја реализиравме со износ од 100 милиони денари и е целосно завршена. Ставени се потпорни ѕидови, изградена е улицата, поставено е улично осветлување и канализација, во втората фаза е поставена водоводна линија, има нов резервоар којшто не ги решава само проблемите на оваа нова социјална населба, туку го решава и проблемот со водоснабдување во горниот дел од градот, рече струмичкиот градоначалник.
Додаде дека се подготвени за започнување на првиот дел од третата фаза, а тоа значи дека од страна на Секторот за урбанизам се подготвени проекти за куќите чиј вкупен број е 118, а досега се подготвени проекти за 26 куќи за коишто Општината аплицирала на вториот повик распишан од страна на Владата и Костадинов се надева дека овој пат Владата ќе се издигне над дневнопартиските интереси и конечно ќе даде поддршка за она што значи крупни капитални проекти за граѓаните на Општина Струмица.
Филипче и Костадинов упатија сочувство до семејството на 60 жртва од трагедијата во Кочани. Како што рече Филипче, тој бил во секојдневна комуникација со поширокото семејство на момчето, но состојбата била тешка од почетокот, а не можело да му се помогне со ниту една современа медицинска постапка каква што се аплицирала на местото на лекувањето.рт/са/
Фото: МИА