• недела, 22 декември 2024

Филипче за 100 дена Влада: Неисполнети големи ветувања за поголеми разочарувања

Филипче за 100 дена Влада: Неисполнети големи ветувања за поголеми разочарувања

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Добивме Влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност. Влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за политичарите и функционерите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција по повод првите 100 дена од работата на Владата.

Филипче посочи дека очекувањата на граѓаните, заради ветувањата, со право беа големи и оти премиерот Христијан Мицкоски ветуваше професионална администрација, мерит систем, повисоки плати, силна борба со криминал и корупција. Како што посочи, Мицкоски ветуваше одговорност на политичарите и мудра надворешна политика која ќе не направи повторно горди.

-Досега, не исполнија ништо од овие ветувања, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочувања. Нема покачување на минимална плата на 450 евра која денес ќе беше реалност со СДСМ. Велат ако и одело добро на економијата тогаш можеби ќе се качеле платите. Наставниците и просветните работници добија покачување од 0,7 проценти наместо 12 проценти кои ги планираше СДСМ. Се случува целосна деградација на работниците и нивните права. За жал, се враќа политиката на евтина работна сила. Платите паѓаат, стандардот се намалува, а Владата не обезбеди ниту заштита на граѓаните од високите цени и алчноста на трговците, рече претседателот на СДСМ посочувајќи дека мерките се задоцнети и без ефект. 

Филипче потенцираше дека за сто дена, нема ниту никаков траг од епскиот криминал кој наводно ќе го докажуваа.

-Наместо докази и постапки во институциите за прогон, имаме секојдневни прес конфернции на ВМРО-ДПМНЕ за јавен линч на опозицијата. Мицкоски партиската говорница ја претвори во Јавно обвинителство. Се враќа времето на најлошата пропаганда со која ќе се уништуваат животите на невини луѓе, нагласи претседателот на СДСМ.

За само сто дена, укажа тој, пропаднаа и ветувањата за реформи во судството. -Ветуваа распуштање на советите на обвинители и судии иако добро знаеја дека тоа не можат, но и не смеат да го направат. ВМРО-ДПМНЕ нема понудено реална идеја и концепт како планира да ги подобри состојбите во судството иако ветуваше многу, доддаде тој.

Како што потенцира Филипче, нема ниту „трага од мудрата дипломатија која требаше да не направи повторно горди и ВМРО-ДПМНЕ ги разочара сите по ова прашање“.

-ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави сржавата на днотот на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави, рече тој.

Филипче смета дека во првите месеци од новата Влада не виделе ниту еден конректен проект или реформа во интерес на граѓаните.

-Враќањето на оградата пред Владата, споменикот на Ќосето и задолжување на граѓаните со кредитот од Унгарија договорен во четри очи се единствените проекти на оваа Влада за сто дена. Сите парадирања и сликања на Мицкоски со најавените инвестиции се проекти на СДСМ. Со право некои велат дека ова се најлошите 100 дена на било која Влада. Наспроти ветувањата за мала, професионална државна администрација, добивме Влада со четири нови министерства и можност за стотици нови партиски вработувања. ВМРО-ДПМНЕ измисли нови позиции за добро платени национали координатори и вдомување на партиските кадри. За прв пат се воведоа три нови заменици директори во Царина за да се задоволат партиските апетити на Максим Димитриевски и ВЛЕН, оцени Филипче потенцирајќи дека оваа состојба ја смета за брутална партизаиција на главните органи на државата оти тоа е најава за огромен криминал преку овие институции.

Филипче нагласи дека за сто дена, СДСМ објавила неброени докази и скандали за корумпираноста на кадрите во Владата во кои спаѓаат подароците вредни 320.000 евра за генералниот секретар, картели за јавни набавки на министерката за енергетика, луксузирања на државна сметка со бизнис карти за министрите кои се кријат од јавноста.

-Денес и јавно го прашувам Мицкоски, што се случи со наводниот поткуп кој му го понудиле нему и на Николоски? Има ли некаква истрага премиере и во која институција? Ниту има истрага, ниту има докази, ниту ќе има, посочи Филипче.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ветуваше оти Македонија ќе биде повторно ваша, но, како што рече, добивме Македонија која е повторно само нивна, партизирана, без одогворност, небезбедна, криминализирана и безперспективна. - Имаме 100 дена изговори наместо решенија, изолација наместо интегрирање и општество во кое доминира неизвесноста. Паралелата меѓу ветувањата и реалноста е сурова. Македонија водена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде се само не горда и очигледно е дека државата оди во погрешна насока, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на состојбите во партијата за којашто рече дека се консолидира како единствена и кредибилна опозиција на актуелната власт.

-Имаше грешки, но никогаш не направивме грешки во однос на стратешките интереси на државата и граѓаните. СДСМ 3 децении се бори за европска Македонија и ние сме подготвени директно да се соочиме со власта и да се спротивставиме на сите погрешни политики. СДСМ никогаш нема да потклекне во спроведувањето на трите приоритетни политики на партијата. Една од тие политики е евроинтеграцијата на земјата и нема да дозволиме државата да биде претворена во тажна изолирана периферија на Европа. Нема да дозволиме продуцирање на нова сиромаштија. Системот за раст на платите што го воведе СДСМ нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да го претвори во алатка за уцена. Нема да дозволиме такво нешто ниту со политиките за социјална заштита, порача Филипче.

Грижата за добри меѓуетнички односи, како наша трета политика, рече Филипче, е основа за стабилен политички систем и СДСМ нема да дозволи да оживее национализнмот како последно задсолниште на криминалот. фф/аа/

Фото: СДСМ

 

Остани поврзан