Филипче: Власта не презема навремени мерки за да го спречи растот на трошоците за граѓаните
- -Зејтинот е поскапен до 118 денари, кафето од 12 до 140 денари, мелено месо од 730 до 830 денари, пилешко месо над 400 денари, една кутија од 10 јајца над 110 денари. Покачени се цени на зеленчук, овошје и пиперки достигнаа цени до 300 денари, домати над 200 денари. За само три месеци новиот раст на цените е за 2.500 денари, покажуваат официјалните податоци на Сојузот за синдикати, рече Филипче.
Скопје, 27 март 2026 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите се осврна и на поскапувањата на цените на храната, оценувајќи дека цените енормно се зголемиле поради непостапувањето на Владата.
-Сведоци сме како цените на храната растат секој ден. Нема никаква интервенција ниту мерка од Владата, се е поскапено, а граѓаните секојдневно реагираат, оцени тој, обвинувајќи ја власта дека не презема навремени мерки за да го спречи растот на трошоците за граѓаните.
-Зејтинот е поскапен до 118 денари, кафето од 12 до 140 денари, мелено месо од 730 до 830 денари, пилешко месо над 400 денари, една кутија од 10 јајца над 110 денари. Покачени се цени на зеленчук, овошје и пиперки достигнаа цени до 300 денари, домати над 200 денари. За само три месеци новиот раст на цените е за 2.500 денари, покажуваат официјалните податоци на Сојузот за синдикати, рече Филипче.
Тој нагласи дека вредноста на минималната синдикална кошничка изнесува 68.000 денари, што е значително надвор од досегашните примања на граѓаните, оценувајќи дека со овие цени луѓето не можат да преживеат, а премиерот и Владата, според него, немаат контакт со реалноста.
Филипче истакна и дека предложените мерки за намалување на ДДВ-то на горивата се недоволни и дека е потребно итно прифаќање на дополнителни економски мерки, како што е не само намалување на ДДВ-то на горивата од 18 на 5 проценти, туку и намалување од 5 на 0 отсто на ДДВ-то на основните прехранбени производи. Натаму, тој предлага преполовување на патарините и намалување на акцизите за четири денари по литар гориво, затоа што, како што рече, само така граѓаните ќе почувствувале вистинско намалување на цените на горивата.
Ја критикуваше власта за задоцнети мерки, поради што, според него, резултирало со енормно зголемување на цените.
-Владата задоцни, не почна на навреме, ланецот на поскапување започна. Спиралата започна, сè се вивна како резултат на ненавременото реагирање на владата. Со овие мерки кои ги предлагаат, односно со оваа единствена мерка, ништо нема да се смени. Компаниите кои имаат поврат на ДДВ од горивата ова нема да го почувствуваат никако, граѓаните не гледаат намалување на горивата, само се зголемуваат, а буџетот продолжува да се полни, што значи дека владата си го задржува правото на луксузирање, додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ на денешниот брифинг рече дека според податоците на Заводот за статистика се бележи пад на производството во повеќе сектори.
-Има пад на индустриското производство, јануари 2026 споредено со јануари 2025 година за 6,6 проценти. Пад на производството во повеќе сектори според Заводот за статистика. Драматичен пад на странските инвестиции, оцени Филипче.
Тој, како што наведе, во времето на владите на СДСМ инвестициите изнесувале 1,2 милијарди евра, а сега биле 460 милиони евра.- Фабрики се затвораат, работниците се отпуштаат и сѐ повеќе фабрики најавуваат заминување од земјата, истакна Филипче.нд/са/
Фото: МИА