• недела, 22 декември 2024

Властите на Филипините наредија евакуација на населението поради наближувањето на тајфунот Јинсинг

Властите на Филипините наредија евакуација на населението поради наближувањето на тајфунот Јинсинг

Манила, 5 ноември 2024 (МИА) - Властите на Филипините наредија евакуација на населението, складирање храна и ставање на војската во состојба на готовност поради тајфунот Јинсинг, бидејќи бурата се движи кон североисточните градови што може да ги загрози во текот на неделата.

Центарот на тајфунот, со ветрови од 120 километри на час, се проценува на 590 километри од источниот град Балер во провинцијата Аурора, објави државната метеоролошка агенција.

Локалните власти го повикаа населението од оддалечените населби да се евакуира предвреме, бидејќи постои можност спасувачите да не можат да стигнат до нив за време на бурата.

„Различни владини оддели ги здружија напорите за издавање рани предупредувања, планирање и позиционирање на потребните стоки и услуги“, рече министерот за одбрана Гилберто Теодоро.

Се очекува бурата да го погоди копното помеѓу четврток навечер и петок наутро во близина на северната провинција Кагајан, со силен дожд во градовите кои се наоѓаат на патот, изјави претставник на метеоролошката агенција.

„Околу 24 милиони луѓе би можеле да бидат директно погодени од тајфунот“, соопштија филипинските власти.

Ова е трета бура за помалку од еден месец што им се заканува на Филипините, откако бурата Трами и супертајфунот Конг-реј го погодија централниот остров Лузон во последните неколку недели, при што загинаа 151 лице, а 21 се водат како исчезнати, соопшти цивилната одбрана.

Околу 20 тропски бури просечно ги погодуваат Филипините секоја година, носејќи поројни дождови, силни ветрови и смртоносни одрони. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан