• петок, 22 ноември 2024

Фестивалот „МакеДокс“ од 17 до 24 август, во програмата 75 документарни филмови

Фестивалот „МакеДокс“ од 17 до 24 август, во програмата 75 документарни филмови

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - Со главниот фокус на монтажата, од 17 до 24 август оваа година ќе се одржи 14-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Програмата е составена од 75 документарни филмови, а фестивалот ќе биде отворен со „Танцувајќи ја Пина“ од режисерот Флоријан Хајнцен - Зиоб и ќе заврши со полскиот документарен филм „Вика“, од Агњешка Цвиевка.

Фестивалот ќе има четири локации за проектирање - Куршумли ан, пред платото на Музејот на Македонија, МКЦ, и летното кино Сули ан.

Како што најави на денешната прес-конференција Петрула Вељановска, која е дел од програмскиот тим на „МакеДокс“, пред прикажувањето на „Танцувајќи ја Пина“, ќе се одржи проекција на краткиот документарен француски филм „Над рудникот“ од Тео Аудиоре и Лова Карлсон.

Таа потенцираше дека отворањето и затворањето на фестивалот се предвидени како еден вид на танцувачко-музички перформанс.

-Во рамките на фестивалот, ќе има повеќе документарни филмови кои што беа дел од најреномираните и најпрестижните фестивали во Европа и во светот. Меѓу другото, тука се и филмовите на српската режисерката Мила Турајлич - „Неврзаните: Сцени од Фондот на Лабудовиќ“  и „Филмски Герили: Сцени од Фондот на Лабудовиќ“, рече Вељановска.

Најави дека оваа година ќе бидат прикажани и македонски филмови. Ќе се одржи проекција на филмот „Тело“ на режисерката Петра Селишкар. Филмот е, како што рече, македонско-словенечка-француско-хрватска копродукција и ќе има светска премиера деновиве во Сараево. Ќе се одржи проекција и на филмот „Лилјан“ на Драгана Стојадиновска.

-Покрај „Тело“, како македонска премиера исто така во програмата на „Македокс“ е и филмот „Спроти ветрот“ во француско-индиска копродукција, но значајно е дека на неа работеа двајца македонски монтажери, додаде Вељановска.

Исто така, ќе биде прикажан и филмот „Помеѓу револуциите“ на романскиот режисер Влад Петри.

-Не случајно оваа година одбравме земја во фокус да биде Данска, со оглед на тоа што монтажата е во фокус на фестивалот, а данските документарни филмови се познати по тоа што се перфектно скроени и перфектно измонтирани. Оваа година заедно со Данскиот филмски институт одбравме 12 долгометражни дански документарни филмови кои ќе ги прикажеме на „Македокс“, рече Вељановска. 

Како што посочи, ќе биде прикажан филмот „Невиност“ на режисерот Гај Давиди од Израел, кој беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал, како и филмот „Планините“ на данскиот режисер Кристијан Ајншој.

-Покрај данските филмови во земјава кои што се од оваа програма, секако ќе има и филмови од претходните години, од постарата данска документарна сцена, најави Вељановска.

Таа информираше дека во кратката документарна програма, оваа година на „Македокс“ ќе се натпреваруваат 12 филмови. Во студентската програма ќе се натпреваруваат 10 филмови, а во младинската програма ќе се прикажат три долгометражни документарни филмови, а пред нив ќе има анимирани студентски филмови, кои што оваа година се добиени во соработка со Флипбук фестивалот, чие што отворање е денеска.

Сара Ферро, координаторката на МакеКоПроДокс форумот на денешната прес-конференција информираше дека оваа година, меѓудругото, во рамки на фестивалот ќе има два мастеркласа кои ќе се одржат на 19 и 20 август во Даун пашин амам.

Едниот мастерклас е на хрватскиот монтажер Владимир Гојун, а вториот мастерклас е на српската режисерка Мила Тулериќ.

Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот ја спомена мрежата „Doc Around Europe“ која беше формирана пред две години, а еден од основачите е и Македокс. Како што рече, со оваа мрежа оваа година започнуваат нов проект „Doc generation“, проект кој ќе трае во следните две години, а чија цел има да промовира нови млади автори на пет фестивали.

-Во моментот во Скопје ќе бидат присутни пет студенти, кои со своите документарни филмови ќе бидат дел од натпреварувачката програма, како и дел од кратката програма и програмата од нови автори кои спаѓаат во склоп на оваа мрежа. Тие под менторство на експерти од Европа и од Балканот ќе имаат индивидуални групни сесии за нивно поголемо вклучување во самата документарна индустрија, рече Набаков на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека и оваа година ќе има пет натпреварувачки категории. Главната програма - „кромид“, наградата за млади автори - „млад кромид“, наградата за кратки филмови - „сецкан кромид“, студентската награда  и награда за етички идеи. Потенцираше дека ќе има интернационално жири со 15 членови, по три во секоја од овие категории.бт/дма/

Фото/ МИА, принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан