• понеделник, 23 декември 2024

Фајнанс тинк: Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку до првата половина од наредната година

Фајнанс тинк: Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку до првата половина од наредната година

Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи до крајот од 2023 и најмалку во првата половина од 2024 година, истакнува Институт за економски истражувања и политики Фајнанс тинк ( Finance Think) во Макроекономскиот монитор за третиот квартал од годинава во кој ја задржува проекцијата за раст на БДП во 2023 година на 1,7 проценти и за раст на цените на 9,7 отсто. За следната година проектира стапка на раст на БДП од 2,7 проценти и стапка на раст на цените од 3,8 отсто.

-Во третиот квартал од 2023 година, БДП се зголеми за 1,2 отсто на годишна основа, што е продолжение на забавувањето на економската активност кое отпочна порано. Главен двигател на забавувањето е надворешната побарувачка, која се рефлектира во значителен пад на извозот (-5 проценти), и бруто инвестициите (-18,2 процента), двете резултат на забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери и на продолжената неизвеност, се вели во Макроекономскиот монитор. 

Сепак, се додава, падот на извозот е наткомпензиран со истовремен пад на увозот (-9,8 проценти), којшто ја одразува увозната зависност на производството за извоз, посебно во слободните економски зони. 

-Личната потрошувачка и понатаму релативно солидно расте (2,8 проценти), движена од враќањето на реалниот раст на платите во позитивна зона и од солидниот раст на другите доходни компоненти на населението. Додека, падот на јавната потрошувачка (-3 проценти) е во линија со релативната фискална консолидација. Индустријата и градежништвото го продолжија падот (-0,8 и -13 проценти), наспроти повеќе од услужните дејности кои забележаа солиден раст, се истакнува во мониторот.

Невработеноста во третиот квартал од 2023, како што се посочува, се намали на 12,8 проценти (од 13,1 процент во претходниот квартал). Вработеноста благо се зголеми на 45,7 проценти (од 45,5 проценти во претходниот квартал), додека активноста на пазарот на труд остана стагнантна на 52,4 проценти. Овие движења се поволни, но значајно побавни од претходно.

-Во третиот квартал од 2023 година, инфлацијата забави на 7,8 проценти на годишна основа, од 11,2 процента во претходниот квартал. Забавувањето е водено од намалувањето на глобалните притисоци кај храната и енергијата и од високата споредбена основа во истиот квартал од 2022 година, но во тековниот квартал повторно се појавија домашни притисоци врз цените на храната од одредени трговски и корпоративни практики. Сепак, базичната инфлација од 7,1 процент во третиот квартал од 2023 укажува дека ценовните притисоци во голем дел сега произлегуваат од останатите сегменти од потрошувачката кошничка, се потенцира во Макроекономскиот монитор на Фајнанс тинк. вј/дма/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан