• петок, 05 декември 2025

ФАЦ ќе расправа за Блискиот Исток, Украина и односите на ЕУ со Индо-пацификот  

ФАЦ ќе расправа за Блискиот Исток, Украина и односите на ЕУ со Индо-пацификот  

Брисел, 20 октомври 2025 (МИА) – Најновиот развој на настаните на Блискиот Исток и позицијата на ЕУ, случувањата поврзани со Украина и односите на Унијата со земјите од индо-пацфичкиот регион ќе бидат главни теми на денешниот состанок на Совет за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург. 

Дискусијата за Блискиот Исток ќе се одржи за време на работниот ручек и ќе биде посветена на случувањата по постигнатиот договор за спроведување на Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, како и за улогата на ЕУ во неговата имплементација и поддршката во обновата, безбедноста и постконфликното управување со Појасот и дистрибуцијата на хуманитарна помош. 

Во рамки на расправата за ситуацијата на Блискиот Исток во светлината на најновите случувања, како што најави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни минатата недела на оваа заседание на ФАЦ ќе се разговара и за санкциите што ЕК ги предложи кон Израел, но како што нагласи не сака да ја прејудицира одлуката на Советот.  

Во однос на можноста ЕК да го измени предлогот за воведување казнени мерки кон Израел по постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа, главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо истакна дека за да се случи тоа потребно е да се промени контекстот кој довел до предлагање на санкциите.  

- Во моментов се уште не сме дојдени до нешто такво, нагласи Пињо, додавајќи дека ЕУ би сакала да види почитување на договорениот прекин на огнот, ослободување на заложниците, но исто така и имплементација на Сеопфатниот план од двете страни.  

На заседанието на ФАЦ ќе стане збор и за руската агресија врз Украина, при што шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе имаат неформална размена на мислења со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој ќе присуствува на состанокот и ќе информира за ситуацијата на теренот, итните приоритети на Украина и за тековните дипломатски активности. 

Речиси половина од германските граѓани го поддржуваат влезот на Украина во Европската унија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Институтот ЈуГав (YouGov).

Дискусијата за Украина ќе се фокусира на понатамошно зајакнување на воената поддршка за земјата и нејзината одбранбена индустрија, за финансиската помош и за зајакнување на украинската отпорност и енергетска инфраструктура. 

Министрите ќе разменат мислења и за 19-тиот пакет санкции на ЕУ кон Русија и за формирањето на Специјалниот трибунал за злосторства поврзани со агресијата врз Украина. 

На средбата министрите ќе разговараат и за односите меѓу ЕУ и земјите од Индо-пацифичкиот регион, при што се очекува да усвојат и два сета заклучоци за Индија и регионот на Индо-пацификот. 

Во тој контекст ќе стане збор и за четвртиот Министерски форум ЕУ-Индо-пацифички регион, предвиден за 20 и 21 ноември, на кој ќе се разговара за продлабочување на политичката и соработката во безбедноста, економската отпорност и зелената транзиција. 

Покрај ова, Советот за надворешни работи ќе расправа и за актуелните случувања во Судан, Молдавија и Грузија, за одлуката на белоруските власти за прогласување на Европскиот универзитет за хуманистички науки во Вилнус за „непријателски ентитет“, за односите на ЕУ со Заедницата на латиноамерикански и карипски држави (ЦЕЛАЦ) и за Министерскиот совет на ОБСЕ предвиден за 4 и 5 декември во Виена. 

Со Советот ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.  

По заседанаието на ФАЦ ќе се одржи и Министерскиот состанок за меѓурегионална безбедност и поврзаност. На првата сесија од состанокот ќе се говори за безбедноста, стабилноста и отпорноста во црноморскиот регион со учество на министрите од членките на ЕУ и на Азербејџан, Грузија, Ерменија, Молдавија, Турција и Украина. На втората сесија, пак, ќе се говори за заедничките можности и предизвици на меѓурегионалната соработка за поврзување меѓу ЕУ и земјите од т.н. „Источното партнерство“ и од регионите на Црното Море и Централна Азија. сп/јт/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан