• недела, 17 ноември 2024

Фарах во септември става крај на атлетската кариера

Фарах во септември става крај на атлетската кариера

 

Лондон, 24 април 2023 (МИА) – Четирикратниот олимписки првак Британецот Мо Фарах (40) во септември ќе ја заврши својата атлетска кариера со настап на најголемиот светски полумаратон Грејт Норт Ран (Great North Run).

„Грејт Норт Ран ќе биде моето последно натпреварување и тоа ќе биде моето збогување“, најави Фарах во разговор за Би-Би-Си.

Фарах на Олимписките игри 2012 во Лондон го освои златниот медал на 5 и 10 километри, а истото го повтори и на Игрите 2016 во Рио де Женеиро. Исто така, освои двојна круна на светските првенства во 2013 и 2015 година.

Вкупно во кариерата се закити со шест златни медали на светските и пет златни одличја на европските првенства.

„Мојата кариера беше неверојатна, мојата сопруга и децата беа покрај мене за време на целото ова патување и сега сакам да им посветам време“, порача Фарах.

Британскиот атлетичар, роден во Сомалија, во неделата за последен пат во кариерата настапи на маратонот во Лондон, завршувајќи ја трката на деветтото место. ег/
фото -Твитер

Остани поврзан