• вторник, 17 декември 2024

УЈП очекува буџетот да се одржува во добра динамика, за ССК фокусот во 2021 да биде борбата со сивата економија

УЈП очекува буџетот да се одржува во добра динамика, за ССК фокусот во 2021 да биде борбата со сивата економија
Скопје, 11 ноември 2020 (МИА) – Проектираниот раст од 4,1 проценти на БДП за 2021 е оптимистички и е логично што најголемиот дел од средствата за наредната година се планира да се наменат за социјална и здравствена заштита и за економијата, смета Данела  Арсовска, претседателка на Соујзот на стопански комори (ССК). По донесување на ребалансот на буџетот, според неа, неодложно треба да се пристапи кон дотирање на ветената финансиска поддршка до претпријатијата и стопанството, пред сè средствата кои беа наменети за задржување на работните места и се дотација за покривање на дел од трошоците на плати кои ги имаат работодавачите кон своите вработени. -Но остануваат и голем број сектори на кои им е неопходна поддршката. Има дејности кои не работат уште од февруари-март, немаат протоколи за работа, ситуацијата се влошува и не би можеле да кажеме дека е итно тие да почнат со работа, туку е итно да им се помогне да издржат во наредната година и да дојдат до фаза да почнат да отворат и да ја вршат дејноста, рече Арсовска во гостување во емисијата „Тиоп тема“ на ТВ Телма. Фокусот во 2021, нагласи таа, треба да биде на борба со сивата економија и со корупцијата. Со отстранување на нелојалната конкуренција на пазарот и на оние кои не дотираат во Буџетот, рече, ќе им се помогне на оние кои се сега во тешка состојба односно над 80 проценти вработени во приватниот сектор. Притоа посочи дека сива економија не се фирмите кои сега се кревки и поради состојбата со пандемијата не можат да излезат на крај, туку нерегистрираните, оние што не постојат во системот и ја оштетуваат државата и буџетот со неплаќање на своите обврски. - Луѓето што работат во приватниот сектор заслужуваат да им се помогне затоа што тие понатаму ќе знаат позитивно да вратат на она што сега ќе го видат како помош и заштита. Доколку тоа не се случи, оној што чесно работел и го загубил тоа што го имал - или ќе премине во сивата економија и ќе се појави даночна евазија или ќе се откаже со што ќе имаме губење на голем број работни места, рече Арсовска. Барањата за државна помош за зачувување на работните места компаниите може да ги поднесуваат до утре, рокот е пролонгиран затоа што имаше и мал прекин во можноста за аплицирање поради преоптовареност на системот. Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска рече дека ќе инсистира секој месец да се објавуваат компаниите кои зеле државна помош, а не им  ја исплаќаат на работниците и дека УЈП согласно со законот ќе постапува заедно со Инспекторатот за труд. - Да се надеваме дека во првата половина од 2021 ќе ги нема овие тешки бројки на заразени, што се пресликува и рефлетира во стопанството. Очекуваме дека ќе можеме да го држиме буџетот во добра динамика. Сепак, треба соодветни анализи кои ги правиме кон крајот на годината за да видиме колкави очекувања треба да имаме од компаниите, а кои ќе бидат и нивните можности во КОВИД-кризата, рече Лукаревска во „Топ тема“. Во 2021 година УЈП, како што рече, ќе има засилени контроли за потекло на имот на граѓаните согласно со Законот за данок на личен доход. Лукаревска соопшти и дека е одлична наплатата во октомври 2020. Наплатен е 8,2 милијарди денари приход односно 12 отсто натфрлање на планот на УЈП за собирање приходи. Во однос на октомври 2019 пониска е само наплатата кај данокот на личен доход, од околу 3,5 проценти. Чиста слика како ќе се заврши 2020 во ваква криза, рече таа, ќе има откако ќе ги имаат податоците за ноември и декември. Ја нагласи редовноста од враќањето на ДДВ кој е битен сегмент за одржливост на компаниите, а одлична динамика, рече, има и кај придонесите. хс/скс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан