• недела, 22 декември 2024

УЈП: Закуподавачите да го пријават приходот остварен од издавање имот

УЈП: Закуподавачите да го пријават приходот остварен од издавање имот

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Управата за јавни приходи ги информира физичките лица кои издаваат недвижни имоти (станови, вили, викендички, апартмани или соби) за краток престој (не подолг од 31 ден во месецот), особено за време на претстојните празници, дека имаат обврска преку системот „е-Даночни услуги “, да го пријават приходот остварен од издавање на имотот. Ова се однесува и на издавање преку платформи како AirBnb, Booking.com, Facebook, Кајак и други.

Основа за пресметување на данокот претставува бруто доходот што  се остварува намален за износот на следниве нормирани трошоци: 10% од износот на доходот (за неопремен простор) и 15% од износот на доходот (за опремен простор).

Пријавувањето на доход од издавање на недвижен имот се врши задолжително до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање. Пријавата заедно со соодветни докази се поднесува електронски (е-ППД)  преку системот „е-Даночни услуги“.

За повеќе информации граѓаните можат да се обратат во Контакт центарот на УЈП на е-пошта Info@ujp.gov.mk, на телефоните 0800 33 000 и 02 3253 200, како и во Регионалните дирекции/Даночните одделенија на Управата за јавни приходи.

Достапна е и брошура за оданочување на доход од закуп и подзакуп, а сите заинтересирани можат и да се регистрираат на системот „е – Даночни услуги“.

- Бидете одговорни даночни обврзници, навремено и точно пријавувајте и исполнете ги  вашите даночни обврски. Не заборавајте дека пријавувањето на доходот е законска обврска и ќе ви помогне да избегнете стрес и санкции, апелираат од УЈП.са/дма/

Фото: УЈП

 

Остани поврзан