• сабота, 23 ноември 2024

Уште една измама за набавка на огревно дрво во Куманово

Уште една измама за набавка на огревно дрво во Куманово

Куманово, 17 ноември 2023 (МИА) -Уште една пријава за измама при купување огревни дрва евидентира кумановската полиција. Последната измама беше регистрирана вчера, информираа денеска од СВР Куманово.

-Вчера, во 13: 30 часот во СВР Куманово, 66-годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 13.000 денари. Според пријавеното, лицето му понудило огревно дрво и откако се договориле му ги платил дрвата, по што лицето му кажало дека ќе оди да ги донесе, но не се вратило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира полицијата.

На подрачјето на Куманово лани беа евидентирани 14 измами. Од полицијата објаснуваат дека сторителите доаѓаат во домовите, обично на повозрасни лица, ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва, ги наведуваат да им ги платат под изговор дека камионот со огревни дрва е во близина и дека ќе им бидат донесени, ги земаат парите, не им носат дрвата и заминуваат.

- СВР Куманово континуирано презема превентивни мерки и апелираме до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревни дрва за пониска цена од продажната, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бројот 192, велат од СВР Куманово. ам/ир

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан