• вторник, 05 ноември 2024

Училиштата во северно Косово одбиваат да се отворат за гласањето за разрешување на градоначалниците на 21 април

Училиштата во северно Косово одбиваат да се отворат за гласањето за разрешување на градоначалниците на 21 април

Приштина, 17 април 2024 (МИА) – Централната изборна комисија на Косово објави дека само десет гласачки центри од вкупно 43 се достапни во четирите северни општини, населени со мнозинско српско население, за гласањето на 21 април за смена на градоначалниците од функцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовската ЦИК објави дека 33 гласачки центри, главно училишни објекти, одбиле да се отворат за гласањето в недела, поради што интензивно се работи на изнаоѓање алтернативни локации за гласање во општините Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Шефот на секретаријатот на ЦИК, Бурим Ахметај, рече дека директорите на училиштата на северот одбиле да ѝ дадат пристап на ЦИК со тврдење дека имаат училишни и културни активности на денот на изборите.

Сепак, рече тој, се работи на идентификување на локации за отворање на алтернативни центри за гласање на 21 април.

Членот на ЦИК од редовите на владејачката партија во Косово, Движење самоопределување, Сами Куртеши побара кривично гонење за одговорните лица кои одбија да ги дадат на користење училишните објекти за гласањето в недела.

Србите и српските партии ги бојкотираа општинските избори во четирите општини со мнозинско српско население во Косово, одржани на 23 април 2023 година.

По поставувањето на градоначалниците Албанци, избрани со исклучително мал број гласови, во општинските згради, со асистенција на полицијата, Србите предизвикаа немири на северот.

Подоцна се појави барањето за одржување нови избори, за што се изготви административно упатство, врз основа на кое е покрената петиција за разрешување на градоначалниците, по што, доколку се изгласа разрешувањето, ќе се распишат нови градоначалнички избори во четирите општини.

Според упатството на Владата во Приштина, ЦИК за 21 април го закажа гласањето за разрешување на актуелните градоначалници.

На ова гласање му претходеше собирањето потписи за петицијата за смена на градоначалниците Албанци на овие општини.

Петицијата ја поддржа и Српската листа, но пред десет дена, на 7 април, оваа најголема партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград, соопшти дека нема да учествува во процесот на гласање, бидејќи, како што нагласи, „косовскиот премиер, [Албин] Курти направи сé за да спречи процесот да биде успешен“. иа/

Остани поврзан