• петок, 22 ноември 2024

Утрешното затворање на Параолимписките игри ќе наликува на „најголем ноќен клуб во Франција“

Утрешното затворање на Параолимписките игри ќе наликува на „најголем ноќен клуб во Франција“


Париз, 7 септември 2024 (МИА) – Свеченото затворање на Параолимписките игри, закажано за в недела на „Стад де Франс“, ќе биде во форма на голем електро концерт на кој ќе настапат 24 уметници и диџеи, а едночасовниот сет ќе го отвори и затвори францускиот пионер на електронската музика Жан-Мишел Жар (76), соопштија денеска организаторите.
Покрај него ќе настапат и Martin Solveig, Kavinsky, Cassius, Kungs, The Avener, Ofenbach, Polo & Pan, Agoria, DJ Falcon …
„Тоа можете да го замислите како најголемиот ноќен клуб во Франција“, им рече на новинарите уметничкиот директор на церемонијата Париз 2024 година, Томас Џоли.
Организаторите рекоа дека сакаат „да ги обединат на забава сите на стадионот и пред ТВ екраните“, и „да ја раскажат приказната за француската електронска музика“.
Во изјава за парискиот весник „Паризиен“, 76-годишниот Жар не го криеше задоволството, велејќи дека е „многу среќен“ што учествува во „прославата на спортот и француската електро музика во сета нејзина различност“.
Како и за време на церемонијата на отворањето на Параолимписките игри, на кои настапија уметници со попреченост и танчари кои користат патерици или инвалидски колички, подиумот ќе биде отворен за сите.
На Параолимписките игри 2024 во Париз учествуваа 4.400 спортисти од 168 земји, меѓу кои и македонската параолимпијка во стрелаштво Оливера Наковска – Бикова. ег ФОТО: Фејсбук

 

Остани поврзан