• петок, 22 ноември 2024

Усогласен Механизмот за финансирање на Планот за раст на Западниот Балкан 

Усогласен Механизмот за финансирање на Планот за раст на Западниот Балкан 

Брисел, 4 април 2024 (МИА) - Претседателството на Советот на ЕУ и претставници на Европскиот парламент постигнаа договор за Регулативата за формирање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, која е централен инструмент за финансиска поддршка на Планот за раст на регионот што го промовира Еврокомисијата во ноември 2023 година, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Со овој инструмент се обезбедуваат финансии за реализација на Планот за раст на Западниот Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кои ќе опфатат две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмици за земјите од регионот, вклучително и најмалку 800 милиони евра за Северна Македонија. 

Овие средства ќе претставуваат надополнување на постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западниот Балкан. 

Како што соопшти денеска Европската комисија, Механизмот ќе им пружи поддршка на партнерите на ЕУ од Западен Балкан во спроведувањето на реформи поврзани со приближувањето кон Унијата и ќе го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозните реформски агенди.  

- Механизмот, исто така, ќе промовира усогласување на партнерите со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ со цел нивно идно членство во Унијата, додава ЕК во соопштението. 

Согласно процедурите на ЕУ, договорениот текст на Регулативата за воспоставување на Механизмот сега треба да биде одобрен од Европскиот совет и од европратениците. 

Станува збор за законски текст што го регулира функционирањето на инструментот за финансиска поддршка на Планот за раст на Западниот Балкан, чија цел е поттикнување на демократскиот, економскиот и социјалниот напредок на земјите од регионот аспиранти за членство во ЕУ, промоција на поголема регионална соработка и стабилност и постепеното приближување на овие држави кон структурите на Унијата. 

Основна премиса на идејата на Еврокомисијата при предлагањето на Планот беше целосната убеденост во европската перспектива на земјите од Западниот Балкан - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и потребата од зајакнување на блиските културни, историски и географски врски и меѓусебната соработка во голем број важни области.

Со овој инструмент уште еднаш се потврдува недвосмислената посветеност на идното членство на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија и се повикува на забрзување на процесот врз основа на заедничките вредности за почитување на принципите на демократијата и владеењето на правото, спроведување на веродостојни реформи од страна на државите во регионот и правична условеност. 

Како доказ на оваа своја посветеност, ЕУ обезбедува значителна помош и финансиска поддршка за земјите од регионот за да се дојде до нивна постепена интеграција во единствениот европски пазар, на што би претходела силна соработка, европска поддршка и регионална интеграција, како и зајакнување на трговските и економските односи како клучен фактор за успешна реализација на заедничките цели. 

Механизмот за реформи и раст на Западен Балкан значително ќе ја зголеми финансиската помош на ЕУ за регионот наменета за поддршка на социо-економските и фундаменталните реформи и за целни инвестиции. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан