• понеделник, 23 декември 2024

Усвоени стратегии за ментално здравје на младите и за човечки капитал на државата

Усвоени стратегии за ментално здравје на младите и за човечки капитал на државата

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Национална стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026 година и Стратегијата за човечки капитал на Република Северна Македонија 2024 – 2030 година се усвоена на денешната седница на Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика. 

Целта на Националната стратегија за ментално здравје на млади  е придонес во унапредувањето на менталното здравје на младите, пришто добросостојбата на младите ќе биде активен двигател на општествениот развој, информира владината прес-служба, истакнувајќи дека Стратегијата се води од Агендата 2030 и општите принципи на Целите за одржлив развој на ОН.

Стратегијата, информираат, посочува на потребата од двонасочен пристап за вклучување на младите во релевантни политики, програми, сектори, на национално и на локално ниво, како и на фокусирана акција за зајакнување на нивното ментално здравје. Исто така, се упатува на развој на систем на соработка помеѓу образовниот, социјалниот и здравствениот сектор, како и промовирање на интеграцијата помеѓу услугите за ментално здравје и другите релевантни сектори, како што се образованието, социјалните услуги и поддршката за вработување.  Препорачано е формирање на национално координативно тело на сите носители на активности и проекти, коешто ќе го следи спроведувањето на Стратегијата.  

Целта на Стратегијата за човечки капитал 2024 – 2030 година, пак, е да помогне во подобрувањето на резултатите од човечкиот капитал во државата. Воедно има за цел да обезбеди патоказ за агендата за човечки капитал до 2030 година.

Од Владата истакнуваат дека во фокус на Стратегијата се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја: образованието, здравството и социјалната заштита, со цел зајакување и подобрување на човечкиот капитал, за инклузивен развој. Цели на Стратегијата се и да ги идентификува клучните предизвици, пришто се нуди долгорочен поглед на некои од реформите коишто ќе бидат потребни за да се одговори на постоечките предизвици, како и реформските приоритети коишто ќе го подобрат и поддржат патот кон поголем просперитет. лв/цр/

фото: Влада  

Остани поврзан