• сабота, 23 ноември 2024

Усвоени измените на Статутот на Судот на правдата на ЕУ 

Усвоени измените на Статутот на Судот на правдата на ЕУ 

Брисел, 19 март 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска ги одобри измените на Статутот на Судот на правдата на Европската Унија, чија цел е да се растовари трибуналот во услови на постојано зголемување на бројот на предмети што се поднесуваат пред оваа судска инстанца. 

Со измените се предвидува префрлање на дел од ингеренциите на Судот на правдата на Општиот суд во прва инстанца, како што се оние поврзани со заедничкиот систем на данок на додадена вредност, акцизите, царините, класификацијата на стоки, компензациите за патниците поради одложени или откажани транспортни услуги, како и за тргување со дозволените емисии на стакленички гасови. 

Во надлежност на Судот на правдата ќе останат првостепените пресуди поврзани со толкувањето на договорите на ЕУ или Повелбата за основните права. 

Измените, исто така, го прошируваат сегашниот механизам за филтрирање на жалби против одлуките на Општиот суд. Така, ако конкретен случајот бил разгледан од независно тело за жалби, а потоа и се најде пред Општиот суд, негово продолжување пред Судот на правдата ќе биде можно само доколку процесот е значен во однос на единството, конзистентноста или развој на правото на ЕУ. 

Дополнително, со измените се зајакнува и транспарентноста на постапките по првостепените одлуки со нивно објавување на веб-страницата на Судот во разумен рок по завршувањето на постапката, освен ако странка во спорот поднесе приговор на објавувањето. 

Општиот суд е конститутивен дел од Судот на правдата на ЕУ воспоставен со Договорот од Лисабон на 1 декември 2009 година. Во негова надлежност досега беа постапки покренати против институциите на Европската Унија од страна на поединци или на земјите членки. Пресудите на Општиот суд може да бидат обжалени пред Судот на правдата. 

Измените се вршат по предлог на Судот на правдата поднесен во декември 2022 година. Нивната содржина беше усогласена во преговорите меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 7 декември минатата година, во кои учествуваа и претставници на Судот на правдата и на Еврокомисијата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан