• недела, 22 декември 2024

Урошевиќ: Поезијата на светските великани преведена на македонски јазик ги прави бесмислени злонамерните обиди за неговото негирање

Урошевиќ: Поезијата на светските великани преведена на македонски јазик ги прави бесмислени злонамерните обиди за неговото негирање

Струга, 24 август 2023 (МИА) - Поезијата на светски великани на поетскиот збор, учесници на Струшките вечери на поезијата, преведена и издадена на македонски јазик, со својата големина, сериозноста на пристапот и со квалитетот на преводите ја докажува, уште еднаш, рамноправноста на македонскиот јазик со другите светски јазици и ги прави бесмислени злонамерните обиди за неговото негирање. Тоа го истакна годинашниот добитник на највисокото Фестивалско признание „Златен Венец“ познатиот македонски поет, писател и книжевник академик Влада Урошевиќ на денешната прес-конференција во Струга во рамките на 62. издание на Струшките вечери на поезијата.

- Веста дека сум добитник на „Златниот венец“ на годинашниве „Струшки вечери на поезијата“ ми носи многу радост. Ја имав таа среќа да бидам, пред повеќе од шеесет години, еден од основачите на овој наш поетски Фестивал и еден од оние што учествуваа во дефинирањето на оваа награда. Во текот на годините, со внимание и задоволство следев како на листата на добитниците на „Златниот венец“ се допишуваат нови имиња – стануваше збор секогаш за вистински великани на поетскиот збор, личности чиешто значење ги надминува границите на националните литератури на кои тие им припаѓаат и навлегува во областа на светските вредности, рече Урошевиќ.

Поезијата, додаде, како највисок облик на користење на јазикот, како начин за негово претворање во уметничка вредност, извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет.

- Во еден безмилосен процес на материјализација и комерцијализација на сите вредности, кој денес се одигрува во светски рамки, поезијата е симната од некогашниот пиедестал на една од највлијателните уметности. Притоа нејзината улога можеби станала помалку видлива, но не помалку значајна. Поетите од целиот свет, како некакво тајно братство, ја продолжуваат својата мисија на одбрана на духовноста. Струшките вечери на поезијата, со своето долгогодишно плодотворно дејствување, докажуваат дека дејностa на поетите - и покрај сите обиди за поттурнувања на заден план - и натаму има свој значаен удел во основната задача на уметностите – осмислувањето на светот, нагласи Урошевиќ.

Директорот на Фестивалот Тодорче Тасевски изрази задоволство што добитникот на „Златниот венец“ е познатиот поет, писател и романсиер, академик Влада Урошевиќ, и е третиот македонски поет, добитник на ова признание, по Блаже Конески и Матеја Матевски.

- Како Струшки вечери на поезијата секогаш сме биле претпазливи да го доделуваме највисокото признание на македонски поети, можеби и премногу претпазливи. Затоа Урошевиќ е само третиот македонски лауреат во 62. годишната историја на СВП. Да посакаме да биде третиот во низата лауреати, македонски поети што во иднина заслужено ќе го носат ова признание, рече Тасевски.

Претходно во Паркот на поезијата, традиционалното, добитникот на Златниот венец засади дрво. Урошевиќ, кој е со Фестивалот од самите негови почетоци, по садењето на изрази задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.

- Струга има свој мост, дом и парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе добие „Златен венец“ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нѐ нема ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива, рече Урошевиќ.

Свеченото отворање на 62. издание на фестивалот ќе биде вечерва на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. сс/мч/

Фото: МИА и СВП

Остани поврзан