• понеделник, 23 декември 2024

Ураганите стануваат толку силни што е потребна нова категорија, предупредуваат научниците

Ураганите стануваат толку силни што е потребна нова категорија, предупредуваат научниците

Вашингтон, 6 февруари 2024 (МИА) - Научниците во ново истражување наведуваат дека поради климатските промени, ураганите станале толку силни што треба да се воведе нова категорија на сила од 6 (претходната скала има категории од 1 до 5) за таканаречените „мега-урагани“.

Во текот на изминатата деценија, забележани се пет бури кои би можеле да се вклучат во новата категорија. „Мега-урагани“ се бури со постојан ветер од 308 km/h или повеќе. - 308 km/h - тоа е веројатно побрзо од повеќето возила на Ферари, што е тешко да се замисли. Не би било добро да се биде сред ураган со таква јачина, вели Мајкл Венер од Националната лабораторија Лоренс Беркли во САД, пренесува Гардијан.

Во истражувањето, научниците предложија продолжување на скалата на ураганите Сафир-Симпсон, која беше развиена во раните 1970-ти од страна на инженерот Херберт Сафир и метеорологот Роберт Симпсон. Според сегашните категории на оваа скала, секој ураган со одржлива максимална брзина на ветер од 119 km/h или повеќе спаѓа во категоријата 1.

Како што се зголемува брзината на ветерот и се зголемува опасноста по имотот и животот, се зголемува и нивото на категоријата. Ураганите со постојан ветер од 252 km/h или повеќе припаѓаат на највисоката категорија 5. Бурите од оваа категорија предизвикаа огромни штети во последните години; како ураганот Катрина кој го опустоши Њу Орлеанс во 2005 година и разорниот ураган Марија во Порторико во 2017 година. Сепак, научниците наведуваат дека поради климатските промени има уште поекстремни бури кои би требало да имаат своја категорија. Примерите го вклучуваат тајфунот Хаијан, кој уби повеќе од 6.000 луѓе на Филипините во 2013 година и ураганот Патриција, кој достигна максимална брзина од 346 км/ч кога се формираше во близина на Мексико во 2015 година.

- Бурите веќе станаа поинтензивни и тоа ќе продолжи и во иднина...Досега ги немаше ниту во Атлантскиот Океан или во Мексиканскиот Залив. Но, тоа е само чиста среќа бидејќи таму има услови да се формира ураган од 6-та категорија. Јас се надевам дека тоа нема да се случи, но ништо не е сигурно. Бурите веќе станаа поинтензивни и ќе продолжат да го прават тоа, потенцира Венер.

Иако вкупниот број на урагани не се зголемува поради климатските промени, нивниот интензитет е значително зголемен. Прегреаните океани и потопла, повлажна атмосфера им даваат дополнителна енергија на бурите. - Нашата главна цел е да ја подигнеме свеста дека климатските промени влијаат на најсилните бури, вели Венер.

Истражувањето, насловено како Растечката несоодветност на скалата на отворениот урагански ветер Сафир-Симпсон во светот што се загрева (The growing inadequacy of an open-ended Saffir–Simpson hurricane wind scale in a warming world) беше објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences. ссм/

фото: архива

Остани поврзан