• недела, 22 декември 2024

УНРВА ќе ја прекине работата во Појасот Газа доколку не пристигне гориво (ДПЛ)

УНРВА ќе ја прекине работата во Појасот Газа доколку не пристигне гориво (ДПЛ)

Њујорк, 24 октомври (МИА) – Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) предупреди дека утре ќе мора да ги прекине активностите во Појасот Газа поради недостиг од гориво.

„Ако итно не добиеме гориво, ќе бидеме принудени да ги прекинеме операциите во Појасот Газа од утревечер“, предупреди агенцијата во осумнаесеттиот ден од војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Газа. 

Мала помош досега успеа да влезе во Газа, што е под израелска блокада и гранатирање од 7 октомври, кога палестинската милитантна група Хамас почна напад врз израелска територија во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе и зедоа повеќе од 220 заложници.

Портпаролот на ИДФ (израелската армија),   Даниел Хагари изјави дека гориво нема да се испорача во Газа, по извештаите дека Хамас го условил ослободувањето на 50 лица со двојно државјанство што ги држи како заложници.

„Горивото нема да влезе во Појасот Газа. На Хамас му треба за својата оперативна инфраструктура“, вели Хагари.

УНРВА на својата веб-страница го објави следново:

- Речиси 600.000 внатрешно раселени лица се згрижени во 150 објекти на УНРВА.

- Во области, Кан Јунис и Рафа, речиси 430.000 внатрешно раселени лица се во 93 засолништа на УНРВА. Тоа е зголемување за 10.000 луѓе само во изминатите 24 часа.

- Од саботата на 21 октомври, три хуманитарни конвои стигнаа до Газа со вкупно 54 камиони. Тимовите на УНРВА ги примаат тие пратки од страната на Газа и помагаат во складирањето и дистрибуцијата во соработка со другите агенции на ОН. Во конвоите имало храна, вода за пиење и лекови.

-Тие конвои го немаа толку потребното гориво. УНРВА ќе остане без гориво во следните два дена, со што ќе се загрози испораката на хуманитарна помош до луѓето на кои им е потребна.

Во меѓувреме, Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека од 7 октомври убиени се над 5.000 луѓе, меѓу кои 2.055 деца.  зш/
фото ЕПА

 

 

 

Остани поврзан