• понеделник, 23 декември 2024

Унгарскиот парламент го одби предлогот да се гласа за членството на Шведска во НАТО

Унгарскиот парламент го одби предлогот да се гласа за членството на Шведска во НАТО

Будимпешта, 25 октомври 2023 (МИА) - Унгарскиот парламент синоќа го отфрли предлогот за гласање за кандидатурата на Шведска за влез во НАТО, што дополнително го одложи вклучувањето на оваа нордиска земја во Алијансата.

Унгарија е главната пречка за Шведска да влезе во НАТО, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера го поднесе протоколот до турскиот Парламент со кој го одобрува приемот.

Владејачката партија Фидес, предводена од популистичкиот премиер Виктор Орбан, кој се смета за еден од сојузниците на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ и има апсолутно мнозинство во унгарскиот Парламент, ја одложува кандидатурата на Шведска од јули 2022 година.

-Пратениците на Фидес денеска го блокираа предлогот за закажување на гласање, изјави Агнес Вадаи, пратеничка на унгарската опозициска Демократска коалиција и поранешна државна секретарка во Министерството за одбрана.

Следниот можен начин за гласање за ратификација ќе биде на собраниската седница што ќе почне на 6 ноември, додаде таа. сд/

Остани поврзан