• вторник, 17 декември 2024

Украинските пратеници го вратија првиот нацрт закон за заострување на воената обврска

Украинските пратеници го вратија првиот нацрт закон за заострување на воената обврска

Киев, 11 јануари 2024 (МИА) – Украинските пратеници денеска го отфрлија првиот нацрт-закон со цел заострување на правилата за мобилизација во земјата, во време кога Киев се обидува да ја зајакне својата одбрана во услови на тековната руска инвазија.

Некои делови од предложениот амандман „директно ги кршат човековите права, а други не се оптимално формулирани“, објави на Телеграм Давид Арахамиа, лидер на парламентарната група на партијата на Зеленски, Слуга на народот.

Министерот за одбрана Рустем Умјеров подоцна рече дека новата верзија на нацрт-законот е веќе подготвена и наскоро ќе биде претставена.

Оригиналниот нацрт беше претставен пред парламентот веднаш по Божиќ од премиерот Денис Шмихал. Се очекуваше да помине на прво читање оваа недела, пренесува ДПА.

Меѓу другите елементи, предлог-законот предвидуваше намалување на возраста на резервистите за две години од 27 на 25 години, што на армијата ќе ѝ даде пристап до уште две целни групи. Исто така, имаше за цел да се зголеми притисокот врз регрутираните мажи да се пријават за воена служба.

Украина речиси две години се брани од руската инвазија. Оттогаш, на мажите меѓу 18 и 60 години им е дозволено да ја напуштат земјата само во исклучителни случаи, но десетици илјади регрути илегално ја преминале границата или користеле фалсификувани документи.

Со оглед на тековните борби и загуби, на украинската армија и се потребни уште 500.000 војници, според претседателот Володимир Зеленски. јт/

Остани поврзан