• сабота, 23 ноември 2024

Укинати забраните за сообраќај за тешки товарни возила, се препорачува внимателно возење

Укинати забраните за сообраќај за тешки товарни возила, се препорачува внимателно возење

Скопје, 21 јануари 2024 (МИА) - Од утринава се укинати сите забрани за сообраќај за тешки товарни возила кои беа воведени поради снежните врнежи во земјава, но се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот. 

Според информациите од Авто мото сојузот на Македонија и јавното претпријатие „Македонијапат“ укинати се забраните на планинскиот превој Плетвар, Стража, Ѓавато, од село Рогачево до граничниот премин Јажинце, од Струга кон граничниот премин Ќафасан, Маврово-Дебар, Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир, како и од Струмица кон Берово.

Од Управата за хидрометеоролошки работи за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и постудено. Претпладне главно во јужните делови ќе има услови за локален снег. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5 степени.

Најстудено утринава било во Маврови Анови каде се измерени -8 степени, по што следуваат Крушево со -7 и Берово со -5 степени. 

Највисока снежната покривка е во Дебар и Маврово (25 сантиметри). На Попова Шапка снежната покривка е 21 сантиметар, а во Крушево еден сантиметар. бак/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан